Клинички центар ќе се гради во Македонија, но уште не се знае на која локација и колку ќе чини. На 19 мај годинава Никола Тодоров, тогашен вицепремиер и министер за здравство, го потпиша договорот за изградба на нов клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје со претставниците на компаниите „Гранит“, „Бетон“ и италијанската „ИНСО“. Вредноста на потпишаниот договор е 72 милиони евра и со него се предвидува градежните работи да се завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата. Клиничкиот центар, според тој договор, треба да се изгради во кругот на Универзитетските клиники во Скопје, на местото на стариот објект на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Но, во почетокот на неделата, Арбен Таравари, најави дека на Македонија ѝ е потребен комплетно нов клинички центар кој ќе биде лоциран на друго место. Во јавноста се споменуваше дека тој би се градел надвор од Скопје, за возилата на итната медицинска помош од другите градови да имаат подобар пристап и да има паркинг. Но, освен ставот дека клиничкиот центар треба да се гради на друго место, од Министерството за здравство не ја соопштија својата одлука зошто сметаат дека на државата ѝ е потребен комплетно нов центар кога веќе е потпишан договор за градба. Не кажуваат ни кога би почнала изградбата, ниту пак дали договорот кој веќе е потпишан е обврзувачки клиничкиот центар да се гради на местото на стариот објект на ГАК.
„На Македонија ѝ треба комплетно нов клинички центар имајќи предвид дека местото и местоположбата на сегашниот клинички центар воопшто не се адекватни.
Сакаме да изградиме клинички центар според врвните светски стандарди, каде што ќе има повеќе влезови, паркинг, меѓусебно поврзани клиники, како што препорачуваат стручните лица и инженерите специјализирани во оваа област“, пишува во соопштението од Министерството за здравство. Скандалозна е најавата на Таравари да се прекине еден капитален проект во здравството како што е градењето на клинички центар, за кој веќе е подготвен проект, обезбедени се средства од Европската централна банка и за кој сѐ е подготвено само да се почне да се гради, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Оваа негова намера ќе направи штета на здравствениот систем – вели Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, Таравари има одговорност и пред граѓаните и пред пациентите да даде одговори.
– Недозволиво и неодговорно е да оспорува готов проект кој чини 72 милиони евра за да најави нов проект кој ќе чини повеќе од 450 милиони евра и за чија реализација ќе треба да се чека најмалку десет години. Таравари ќе биде одговорен за тоа што најмалку десет години нема да има подобри услови за лекување на пациентите и десет години медицинскиот кадар ќе работи во полоши услови – вели Андоновска.
Според Андоновска, Таравари мора да каже кои ќе му бидат аргументите пред Европската централна банка дека проектот кој го подготвувале, одобриле и ќе го финансираат не е според неговиот архитектонски стандард.
– Таравари и неговиот наредбодавец Заев мора да му кажат на народот дека ако го стопираат постоечкиот проект кој чини 72 милиони евра и почнат проект од 450 милиони евра, ќе треба да се задолжат со нови 380 милиони евра, односно да плати 6 и пол пати повеќе, за ефект кој се постигнува во многу пократок рок – додава Андоновска.
Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да овозможи врвен третман на пациентитеСпоред договорот кој беше потпишан на 19 мај Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, треба да се простира на површина од 17 хектари и да се состои од 32 независни субјекти и вкупен персонал од 3.400 лица. Планот предвидува и хелидром. Низ комплексот клиники на годишно ниво минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно.- Имајќи го предвид стратешкото значење на клиничкиот центар за државата, одлучивме да изградиме комплетно нова зграда со нето-површина од 46.987 метри квадратни корисен простор и 6.416 метри квадратни проодни тераси и покривни градини и хелидром од 531 квадратен метар. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, 9 ката и современ хелидром за трансфер на пациенти на десеттото ниво. „Мајка Тереза“ е најголем здравствен комплекс во Македонија, а со изградбата на новиот клинички центар ќе бидат поставени нови стандарди за квалитет на здравствените услуги во Македонија – изјави Тодоров на потпишувањето на договорот.
На проектирањето на новите објекти и инфраструктура на клиничкиот центар четири години интензивно работеле тимови проекти од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.
– На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата – изјави тогаш Тодоров.
Новиот клинички центар треба да овозможи врвен третман на пациентите. Проектиран по највисоки меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите треба да бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување преку билдинг-менаџмент систем. Планирано беше да се применува пневматски транспорт на биолошки материјал што досега воопшто го немало во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.
– Во новиот објект, откако ќе биде завршен, ќе има и целосно нова медицинска опрема, медицински мебел и сѐ што е потребно како попратна содржина на новиот објект на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, којшто е терцијарно здравство и во којшто ќе бидат сместени 32 клиники. Станува збор за капитален објект – рече Тодоров.
Нов клинички блок, нова зграда на лаборатории, хелидром…
Тендерот за изградба на новиот Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“ беше објавен во официјално гласило на Европската унија. Вкупната инвестиција беше 72, односно 128 милиони евра за целиот комплекс. Градежните работи требаше да почнат кон почетокот на годинава.
Проектот предвидува изградба на нов клинички блок, нова зграда на лаборатории и адаптација и реконструкција на зградата на Хируршки клиники. Објектите на Кардиологија, Детска клиника, Онкологија, Клиниката за инфективни болести, Клиниката за гинекологија и Клиниката за стоматологија ќе продолжат да функционираат во своите постојни објекти интегрирани во локацијата на реорганизираниот клинички центар, со тоа што клиниките за гинекологија, хирургија и онкологија ќе бидат и физички поврзани со новиот клинички блок и со зградата на лаборатории.
Во новиот клинички блок се сместени: нуклеарна медицина со радиофармацевтската лабораторија, нуклеарна медицинска IN-VIVO дијагностика, фармација со сите потребни одделенија, клиниките за офталмологија, оториноларингологија заедно со аудиологија и со сите потребни помошни и заеднички простории, радиодијагностка.
На горниот дел од објектот е предвидена хеликоптерска платформа – посебна конструкција со кружна писта за слетување и полетување – хелидром, што значи пациентите директно ќе се внесуваат во лифт до соодветната клиника, а не како досега да се транспортираат од хеликоптер до клиниката по колички по отворени улици меѓу згради.
Новиот клинички блок е проектиран со вкупно 855 кревети, од кои 720 кревети за болничка нега, 101 кревет за дијагностички функции, интензивна нега и рехабилитација и 34 кревети во дневни болници.
Операциските сали на првиот кат во новиот Клинички блок се четири и поврзани со комплетно реконструираните 12 операциски сали на објектот на хирургија оформуваат оперативен блок од 16 операциски сали, кај кои карактеристичен е најсовремениот начин на градба кој содржи монтажни системи на ѕидови и плафони изработени и монтирани од специјализирани компании.
Пишува: Александра М. Бундалевска
(Текст објавен во 253. број на неделникот „Република“, 7.7.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филипче се грижи за граѓаните, ама не знае како да стигнат до клиника!
-
Нов скандал во здравството: Отпадна најквалификуваната сестра, прва на листа, а се вработи последната
-
Панчо лут по приемот на Инфективна: Ако немаш врски на лекар, Господ нека ти е на помош!
-
Лекарите се налутија: Не го прифаќаат зголемувањето од 5 отсто