| четврток, 6 декември 2018 |

Посетата на Нимиц дипломатско фијаско од невидени размери

Новата македонска влада е жртва на двојниот или троен пристап на меѓународната заедница, којашто во Македонија иако изгледа како монолитна, сепак, има различни аршини, методи и цели кога sе во прашање земјата и регионот. Еден ден ќе дознаеме кој од нашите западни партнери ја советуваше владата на Заев да влезе во авантура со огромниот арсенал на оптимизам дека само што не сме влегле во ЕУ и НАТО. И ако искажувањето позитивни сигнали кон Атина и Софија не може и не смее да се категоризира како дипломатски пропуст, затоа што секогаш е добро и за соседите и за Брисел да покажете дека сте пријателски настроен, кога е во прашање општиот план за влез во НАТО и ЕУ, дилемите се преголеми, а прашањата претешки

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Иако е фер да се почека 100 дена пред да се критикува кој било чекор на владата, сепак, добро е да посочиме дека некои работи владата во старт ги направи погрешно, дали по своја вина дали поради слепото верување на нашите пријатели од ЕУ и НАТО, кои, сепак, имаат и свои национални, а не само евроатлански интереси и цели.

 

Кој ѓавол го викна Нимиц да го закопа процесот најмалку половина година?

Прво на листата на прашања е зошто владата го повика медијаторот Нимиц во Скопје, затоа што според генералниот секретар на ОН, Португалецот Гутиереш, медијаторот во Скопје дошол на покана од македонската влада. Доаѓањето на Нимиц во Скопје и неговата изјава дека во наредниве неколку месеци не е добро време за давање нов предлог е дипломатско фијаско од невидени размери. Да ја дадеше Нимиц изјавата пред 25 години, кога започна да се занимава со нас, ќе беше разбирливо. Да кажеше дека не е време за нов предлог пред избори во Грција или кај нас, исто така ќе разберевме, но тој тоа го кажа во, според него, попозитивен контекст и во Македонија и во регионот, а притоа веднаш по средбите во Скопје доби абер од Атина ич да не се појавува во тамошното МНР и во владата. Се разбира, официјално неговите средби беа откажани поради преговорите за Кипар, во коишто Грција е засегната страна.

Владата во Скопје. врз основа на досегашните искуства, а да не заборавиме шефот на дипломатијата долги години беше преговарач за името, мораше да знае дека Нимиц ќе го каже тоа што го кажа во Скопје. Многу побезболно ќе беше Нимиц да ги повикаше двајцата преговарачи во Њујорк, каде што ќе се зборуваше за некаква рамка или идеи. Вака излезе дека Нимиц во Скопје бил повикан да му дадеме предлог за името којшто е сигурно далеку подобар од претходните и дека Грција и него го одбила во истиот момент кога слушнала. Навистина нема друго логично објаснување врз основа на информациите што ги имаме.

Зошто, инаку, 78-годишниот медијатор би се мачел да патува 10 илјади километри и притоа и тој лично да биде понижен со одложувањето на разговорите во Атина. Што е тоа што го натерало да дојде во Македонија на наша покана ќе се дознае еден ден, но сигурно тоа за нас нема да бидат добри вести.

 

Шекеринска во погрешна улога

Интересно е и прашањето кој од западните пријатели ги советуваше владата и СДСМ на местото министер за одбрана да ја постави Радмила Шекеринска, единствениот докажан добар менаџер во владата и тоа специјалист за европски интеграции. За помалку од 20 дена, особено по посетата на Димитров на Атина, се виде дека таа може до совршенство да ја организира АРМ и одбраната, но нема да може да направи ништо за влез во НАТО. По грубите изјави на Коѕијас и други грчки претставници јасно е дека планот „Со ФИРОМ во НАТО“ пропадна уште пред да се случи.

И наместо Шекеринска, која на сон ја знае европската легислатива да се постави таму каде што има некаква шанса за напредок, во европските интеграции, таа може со години да седи во одбраната и да чека Грција да се смилува, нешто што на владата во Атина не ѝ е на крај памет, уште најмалку две години, до следните избори.

Освен ако Шекеринска не биде некаков координатор во владата за вкупните интеграции, па под своја капа, макар и неформално, да го земе лекарот Бујар Османи, кој ќе може и да учи и да изгледа сериозно како вицепремиер, а во исто време да не пречи во процесот.

Некој од нашите пријатели дебело згрешил кога советувал приоритет да му се даде на НАТО наместо на ЕУ, каде што, сепак, има некакви шанси за поместување или барем „тресење на возот“ за да мислиме дека се движи.

 

Заев само до Софија и Брисел, Лондон, Париз и Берлин не упатуваат покани

Трето прашање кое е легитимно, а не може да се нарече критика, е зошто премиерот Заев не замина на ниту една посета на некоја од западните држави кои му дадоа сериозна поддршка при уривањето на ВМРО – ДПМНЕ.

Тоа што СДСМ ги критикуваше Груевски и Иванов сега го чувствува на своја кожа. Обвинувањата за изолационизам сега се упатени кон себе. Зарем Заев мислеше дека самото влегување во владата му гарантира влез и во Белата куќа или на „Даунинг стрит 10“? Иако, за разлика од Груевски, тој е попосакуван партнер за најголем дел од членките од ЕУ поради неговата подготвеност да ги слуша нивните желби, сепак, и за него ќе важи истиот принцип кој важеше за Груевски.

И тој доколку сака да влезе во кабинетот на Меркел или Макрон, ќе мора да понесе со себе тешки решенија кои од него се очекуваат. А тие решенија не се ни одблиску исти со тоа што го очекува македонската јавност, меѓу неа и голем дел од неговите гласачи. Ниту членките на ЕУ и НАТО одамна не веруваат во симболика и муабети, бараат да се донесат тешки решенија на кои не е подготвен ни Заев. Првата пригода да го увиди тоа беше однесувањето на Атина. Втората ќе му биде Илинден. Голем македонски веројатно и празник што го слават и Бугарите. Уште потежок ден за новиот премиер, кој ќе треба во живо да ја проверува изреката сѐ што лета не се јаде.

(Текст објавен во 253. број на неделникот Република, 7.7.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top