| четврток, 6 декември 2018 |

ЦУК: Нема место за паника, подготвени сме да одговориме на сите предизвици

Нема место за паника и да се почитуваат препораките, порача денеска директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку по состанокот со одговорните лица кои го известувале за состојбата со земјотресите во охридскиот регион кои се случуваат во континуитет неколку дена.

– Присутните на состанокот уверуваат дека ние како институции на системот за справување со кризи сме подготвени за било што во иднина да се случи, истакна Буџаку.

Тој соопшти дека за натамошните активности на Центарот и за сите случувања ќе се известува од Медиумски центар, составен од институции коишто се вклучени во справување со кризни и елементарни непогоди, а се со цел да не се шират лажни вести.

Директорот на ИЗИС Михаил Гаревски информираше дека виталните објекти во Охрид се во функционална состојба и дека немаат никакви оштетувања.

– Ги посетивме прво градинките, потоа болниците, поштата,… и заклучивме дека објектите се понови и немаат никакви конструктивни оштетувања. Забранивме моментална употреба на една градинка до Архивот на Охрид, не од аспект на тоа дека конструкцијата не чини, туку бидејќи се два објекта споени со фуга и постои мал ризик да не падне некој дел од малтер и да повреди некое дете, рече Гаревски.

Информира дека забраниле употреба на два станбени објекта изградени пред 30-тите години од минатиот век кои не се сеизмички и постои можност да ги прошират пукнатините во објектите.

Гаревски апелираше до граѓаните да не веруваат на лажните вести кои внесуваат паника кај населението, бидејќи никој не може да го предвиди земјотресот. Според него, по земјотресот со магнитуда 5 се очекува „афтершоковите“ да бидат со јачина од 3 па потоа 4 или пак со 3 степени според Рихтер кои, како што рече, се нормална појава по таква јачина на земјотрес.

Од РЦУК Охрид препорачуваат граѓаните на Охрид и туристите да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките од надлежните органи кои се упатуваат преку веб страниците на РЦУК и Црвениот Крст. Информират дека до сега на телефонскиот број 195 во Центарот во Охрид биле пријавени 205 штети на објекти кои настанале како последица од земјотресот.

На состанокот се разговарало и за состојбите со пожарите во Македонија на кој Горан Стојковски од ЈП Македонски шуми информирал дека во моментов нема активни пожари и дека со оглед на високите температури во јуни се случиле само два, а во мај три пожари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top