Во пресрет на јубилејното 10. по ред издание на фестивалот “Love and happiness”, закажан на 22 јули, а кој традиционално се одржува на плажата Градиште во Охрид, организаторите најавуваат журка за паметење! Журка на сите три плажи и маратонска забава со многу изненадувања, неколку светски и домашни диџеј имиња!
Електрик Јуниверз, Том Боксер и Морена, како и германскиот диџеј и продуцент Том Крафт се гостите кои ќе бидат задолжени за атмосферата на 22 јули на Градиште, а домашна поддршка на настанот со своите сетови ќе дадат Бушава азбука, ранчез, Навигатор, Дејан Доги и Сателит. Фестивалот ќе се случува на сите три плажи, односно Градиште 1, 2 и 3, а освен одлична музика за посетителите се предвидени и пена забава, огномет… Забавите на сите три плажи почнуваат во 21 часот, а билетите во претпродажба се продаваат по цена од 400 денари. На врата на денот на фестивалот влезниците ќе чинат 600 денари, а во претпродажба може да се набават преку мрежата на купикартизасе, станица Стража, плажата Градиште, Острово – Свети Наум и ланџ бар Ноа во Охрид.
-Веруваме дека оваа маратонска забава на Градиште, плажата која сезонава има сосема нов и многу поразличен, уникатен изглед, ќе ги задоволи вкусовите и апетитите и на најпребирливите, велат оттаму.
Една недела подоцна, односно веќе на 29 јули на истата локација е закажан спектакуларниот концерт на една од најголемите фолк ѕвезди на просторите на поранешна Југославија – Лепа Брена. Концертот ќе се одржи на плажа 2, па заради ограничениот капацитет бројот на влезници е ограничен. Во претпродажба билетите се продаваат по промотивна цена од 600 денари. Стартот на концертот е во 21 часот. На 5 август, пак, гостуваат Фрајле, четиричлениот женски акустичен бенд од Нови Сад. Влезниците за дружбата со шармантните Фрајле чинат 500 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.