| четврток, 6 декември 2018 |

Бурен аплауз за претставата „Сон на летната ноќ“ на Андреј Цветановски на „Битола шекспир фестивал“

Со бурен аплауз беше поздравена изведбата на претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Андреј Цветановски, во изведба на Театарот Комедија, синоќа на затворањето по петтото по ред, јубилејно издание на интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“.

Годинашното фестивалско издание понуди обемна програма од 12 претстави од кои, половината беа од домашни театри, а половината од странски компании. За прв пат беа реализирани гостувањa од Романија и од Словачка, но и од егзотичниот Казахстан, а веќе традиционално се прикажаа претстави од Русија и САД. Беше прикажана богата програма од ревијален карактер за сите вкусови и генерации, но и дела од Шекспир кои за првпат беа на фестивалот како бугарската претстава „Симбелин“ во режија на Лили Абаџиева, кои наидоа на огромен интерес кај битолската публика.

Од интернационалниот театарски фестивал „Битола Шекспир фестивал“ посочуваат дека од особено значење е што фестивалот од година во година бележи нагорна линија, но значаен е и фактот што многу театри од нашата држава се осмелија да го постават Шекспир во Македонија.

Програмата за „Битола Шекспир фестивал“ беше објавена на веб-страницата на Европската асоцијација на Шекспир фестивал, каде фестивалот е и активна членка со што, интересот за него беше двојно зголемен во смисла на тоа дека стана подостапен и во друштво со значајни фестивали во Европа. Од дирекцијата на Фестивалот посочуваат дека преку „Битола Шекспир фестивал“ и македонските претстави лесно може да се пласираат на значајни фестивали, затоа што Шекспир е секогаш актуелна и секаде застапена тема.

-Ние веќе имаме интерес за идното издание и голем е бројот на компании кои од повеќе причини не успеавме да ги донесеме годинава но за кои би имале повеќе време да ги организираме и донесеме идната година, како од Чиле, Грузија, Иран, Египет на пример, но и значаен акапела концерт на познати уметници од Полска со Сонетите од Шекспир, посочуваат од „Битола Шекспир фестивал“.

„Битола Шекспир фестивал“ се одржува покровителство на Министерството за култура и општина Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top