Македонската машка одбојкарска репрезентација се пласираше во финалето на Европската лига откако во неверојатен натрпевар, кој изобилуваше со чудесни пресврти ја совлада селекцијата на домаќинот Данска, со 3-2 по сетови (19-25, 20-25, 25-14, 25-20 и 15-11).
Утре, во финалето во 19 часот Македонија во борбата за златниот медал ќе се сретне со Украина, која денеска исто така во пет сета славеше во својата полуфинална пресмтека, против селекцијата на Шведска. Во борбата за третото место на турнирот, утре од 16 часот, Шведска ќе игра против Данска. Ова е трето финале во Европската лига за најдобрите македонски одбојкари.
Првите два сета им припаднаа на Данците, а Македонија конечно почна да игра на посакуваното ниво на стартот од третиот сет, кога и сервисот функционираше далеку подобро, па „спартанците“ поведоа со 8-5 на првиот технички тајмаут. Со одличниот сервис на Љафтов стигнавме и до најубедливи 11-7, за нешто подоцна со смечот на Клопчевски да заминеме на вториот технички тајмаут со „плус пет“ (16-11). Данците ја загубија самодовербата, се почесто грешеа, на спротивната страна во серија на сервис влезе Никола Ѓорѓиев, па Македонија заслужено го доби третиот сет со убедливи 25-14, намалувајќи го водството на противникот на 1-2 во сетови. Во исто темпо се продолжи и во четвртиот сет, кога македонските одбојкари покажаа дека се подготвени за пресврт, освојувајќи го и овој сет.
Решавачкиот сет почна со израмнета игра до 4-4, кога Никола Ѓорѓиев со два поени донесе предност на Македонија од 6-4. Капитенот Ѓорѓиев продолжи да доминира кога беше најзначајно, „спартанците“ ја одржуваа предноста, па со блокот на Јосифов поведоа со 12-9. „Црвено-жолтите“ искусно го довршија мечот, комплетирајќи го пресвртот со конечни 15-11 со двата поени на Љафтов, за трето финале во низа во Европската лига.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.