| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто експресно се менува постоечкиот закон за медиуми кој ОБСЕ го оцени како европски?

За да се направат реформи во медиумскиот простор потребно е да учестуваат сите новинарски здруженија, а не само ЗНМ, смета главната уредничка на ТВ Нова Билјана Василева Трендафилова, која денеска учестуваше на јавната дебата за реформите во медиумскиот простор.

Не може во такви реформи да учествува само ЗНМ, а да не биде прашана МАН, ниту други асоцијации за новинари. Зошто некој сега крои нов Закон за медиуми и сака набрзина да ги протурка во јавноста без за тоа да биде отворена една поширока дебата? Која е целта на експресно менување на постоечкиот закон за медиуми кој токму од ОБСЕ беше оценет како европски? – изјави Василева Трендафилова.

Според неа, СДСМ биле многу гласни, посебно кога станувало збор за јавниот сервис.

– Го потсетуваме нивниот претседател Зоран Заев кој велеше дека уредникот во информативната редакција треба да биде предложен од страна на опозицијата. Зошто сега се молчи? Слушнавме само најави за уникување на радиодифузната такса и за наводно финансирање на МРТ од буџетот без притоа да се коментира постоечката состојба. Зошто сакаат да се сменат преку ноќ работите и сведоци сме на едно такво менување. Ќе споменам, една национална телевизија која до пред неколку месеци цитираше провладин портал, сега влегува во војна со истиот сајт. За каква професионалност во медиумите зборуваме кога преку ноќ сопствениците или главните уредници ги менуваат уредувачките политики во зависност од менувањето на власта – рече Василева Трендафилова.

Таа додава дека Заев дел од медиумите ги прогласи за непријатели, а согласно најавата сведоци сме дека во ТВ НОВА повеќе од година и пол не доаѓаат претставници од сега актуелната власт.

-Свесно се тргна и кон затворањето на МПМ и преземање на национални телевизии, со цел да се приклучат кон агендата која ја спроведува странскиот фактор во Македонија, изјави василева Трендафилова.

Оцени дека состојбата со медиумите е  алармантна и на вакви дебати би требало да излезат сите со единствена цел, а тоа е да се спречи планот за разнебитување на македонскиот медиумски пазар, но и разнебитување на македонската држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top