| четврток, 6 декември 2018 |

Доделени наградите на 13. Меѓународен филмски фестивал „Астерфест“

Краткиот документарен филм „Виолината на Џо“ на режисерката Кахана Куперман од САД е добитник на наградата „Златна потковица“ на 13. Меѓународен филмски фестивал „Астерфест“ што се одржува во Струмица.

Жирито му додели „Сребрена потковица“ на документарниот филм „Жени“ на Анастасија Кузјакова од Русија и „Бронзена потковица“ на краткиот игран филм „Посетителите“ на Тео Пападулакис од Грција.

Првонаградениот филм е документарец за 91-годишниик кој го преживеал холокаустот. Тој ја донира својата виолина стара 70 години во акција за дарување инструменти и со тоа и го менува животот на 12-годишната ученичка од сиромашна област во Америка.

Документарецот „Жени“ на Анастасија Кузјакова од Русија е филм со потресно сценарио за повеќе од милион заболени од ХИВ кои живеат во Русија од кои повеќето се жени. Ги пренесува приказните за три жени кои живеат со вирусот повеќе од 10 години.

Доделени се и останатите награди на „Астерфест“: „Старозлатен проектор“ за краткиот игран филм „Одот на пијаницата“ на Пол Арменгол од Шпанија; Авторска награда „Ацо Алексов“ за документарецот „Лица“ на Ханис Багашов од Македонија; Награда „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио за краткиот игран филм „Пеј“ на Кристоф Деак од Унгарија; Најдобар краток игран филм  за „Живее“ на Елена Пискарева од Русија; Најдобар анимиран филм за  „Авионот“ на Хесус Мартинез Нота од Шпанија; Специјална диплома од жирито за документарецот „Неред“ на Иља Желтјаков од Русија; Специјална диплома од жирито за краткиот игран филм „Интермецо“ на Душан Зориќ од Србија и Специјална диплома од жирито за анимираниот филм „Шетачот“ на Тибалт Шолет од Франција.

На програмата на „Астерфест“ вечер ќе бидат прикажани седум наградени кратки филмови од  фестивалот Оберхаузен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top