Незапочнувањето на преговорите на Република Македонија со Европската Унија нема врска со нашата администрација, со нашето здравство, со нашето правосудство, нашата демократија или со нашите медиуми. Македонија до ден-денес нема почнато преговори со ЕУ само заради тоа што се вика Република Македонија и само заради тоа што Грција става блокада на секоја препорака на Европската Комисија за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Ова на денешната собраниска комисија го истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Според него, се друго што ќе се зборува е само дополнителен фолклор кој може да биде важен и има битно значење за секоја држава, но како што вели, фактите се овие:
– Република Македонија од 2009 година до денес е подобра подготвена за почеток на преговорите за членство во ЕУ отколку Литванија била подготвена кога ги почнала преговорите со ЕУ. Република Македонија денес е подобро подготвена за почеток на преговорите со ЕУ отколку што Полска, Унгарија, Словачка, Бугарија, Романија или Естонија биле подготвени за почеток на преговорите кога ги започнале преговорите со ЕУ. Но тие имале соседи кои имале визија. Германија има долгогодишни спорови со Полска, но изјавите на германскиот, сега покоен премиер, Хелмуд Кол кон Полска и кон Чешка, без разлика на споровите, историски, имотни, со малцински прашања и со многу војни меѓу себе, беа дека Полската и Чешката Република треба што поскоро да станат членки на ЕУ и дека Германија во тоа ќе ги помогне, посочи Милошоски.
Според него, изјавите од официјална Атина отсекогаш биле истите, односно дека тие имаат проблем со уставното име и дека тој проблем ќе го искористат за отпочнување или неотпочнување на преговорите за членство. Милошоски потенцираше и дека сите премиери и претседатели на Македонија се труделе Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, но сите наишле на блокадата од Атина, која важи до денес.
– И кога збориме за заробена држава, јас би кажал поинаку, ние имаме заробена европска перспектива од 27-годишна блокада од една држава членка на ЕУ, потенцира пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски посочи дека многу земји се труделе Македонија да ја добие онаа заслужена почетна точка на преговори за членство, но оти сите тие наоѓале на ист одговор, односно на блокадата од Атина.
– И вчера-завчера на средбите со комесарот Хан, тој беше доблесен да каже дека ЕК во следниот период не планира повторно да се срами и да влегува во незгодни ситуации и да дава препораки за почнување на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, а потоа истата препорака да не добие консензус и да биде отфрлена од Советот на ЕУ заради ветото од Атина, појасни Милошоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.