Владата на СДС продолжува со незаконски именувања на непрофесионални и некомпетентни кадри, на незаконски и шверцерски начин Влада на СДС сака да протурка партиски војници кои немаат доволно компетенции да управуваат со сериозни институции, изјави денес Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.
Александрова како примери ги посочи именувањата на директорите на Службен весник, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, Државниот архив, и предлогот на владата до собранието за нов директор за агенцијата за државни службеници.
Притоа истакна дека ниту еден од споменатите, и за оние кој согласно закон е предвидено задолжително познавање на јазик, нема приложено сертификат. Разрешувањата се направени без претходен оглас.
-Пример за незаконско именување на некомпетентни кадри број еден. За нов Директор на Агенцијата за администрација Владата на СДС го предложи до собранието членот на највисокото тело на СДС Извршниот одбор Спасе Глигоров. Согласно член 16 став 1, директор на агенцијата за државни службеници не смее да биде лице кое е член на органите на политичка партија. Со неговото предложување владата на СДС го крши законот и наместо професионализација сака да спроведе груба партизација на администрацијата. Дополнително не постои никаков законски основ за отповикување на досегашниот директор согласно законот за државни службеници. Тука имаме случај кој е јасен 100 спрема 0- рече Александрова.
Како друг пример посочи дека во вторникот ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект го повикал управниот инспекторат да реагира на случаите со незаконски именувања на непрофесионални и компетентни кадри. Но наместо професионална реакција согласно закон, стигнал одговорот на Владата предводена од СДС разрешувајќи го актуелниот директор и именувајќи друг, на тој начин дисциплинирајќи го органот кој е најповикан да реагира на ваквото самоволие на владата на СДС.
-Пример број три е претседателот на општинската организација на СДС Куманово, Мартин Костовски кој во алкохолизирана состојба нападна двајца трактористи кои беа дел од протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ Владата на СДС го “награди” и именуваше за директор на Службен Весник, спротивно на законот. Дарко Каевски, потпретседател на СДМ, кој се фалеше колку бил пијан, вчера стана директор на Агенцијата за млади и спорт- наведе Александрова.
Оцени дека станува збор за очигледен доказ за самоволието на СДС, и оти оваа партија не се залагала за демократија и слободи, туку само во интерес и било сместувањето во функционерските фотелји.
-Овие кадри не може да донесат ниту просперитет ниту сигурност. Имаме еклатантно кршење на законите, и полнење со непрофесионални кадри, владата на СДС спротивно на закон предложи за директор член на највисокото партиско тело, како и низа други отстапки. Очигледно нивната задача ќе бидат олеснување на државната каса, злоупотреби на овластувањата и партизација. Во оваа држава мора да важат законите. Апелираме веднаш управниот инспекторат и трудовата инспекција да реагираат на ваквите прекршувања-, заклучи Александрова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.