| четврток, 6 декември 2018 |

Турција добила една милијарда евра од ЕУ за развој на демократијата

Турција доби речиси една милијарда евра од ЕУ за поддршка на владеењето на правото, граѓанското општество, основните права, демократијата и на владеењето

Претходно овој месец портпаролот на Европската комисија изјави за „Еуобзервер“ дека во периодот меѓу 2007 година и април оваа година на Турција ѝ биле исплатени 979,6 милиони евра, со голема веројатност дека ќе следува и натамошна парична помош, со оглед на нејзината кандидатура за членство во ЕУ.

Комисијата, исто така, рече дека внимателно ги разгледува тековната и идната финансиска помош за Турција за да се осигури дека таа е целосно во согласност со интересите и со вредностите на ЕУ.

Но, уназадувањето на Турција кон автократија предводена од претседателот Реџеп Тајип Ердоган доведе до повеќе од 50.000 апсења, околу 100.000 затворања, 138.000 отпуштања од работа и затворање на околу 2.100 училишта.
Од нив, 234 новинари беа уапсени, повеќе од 4.400 судии и обвинители беа разрешени, а 8.270 академици отпуштени.

Претходно овој месец, Танер Килич, претседател на „Амнести интернешнал“ во Турција, исто така, беше притворен од страна на полицијата заедно со уште 22 други адвокати. Тогаш тој беше обвинет за припадност на терористичка организација.

 

Парламентарна република

Земјата, исто така, е во процес на радикална промена од парламентарна република до република во која власта е концентрирана во рацете на Ердоган.

Прашањето го разгори Европскиот парламент, кој бара да се блокираат разговорите за пристап во ЕУ.
Но, ЕУ и земјите-членки сакаат да остават отворена врата за Турција по мултимилијардскиот договор за бегалците, кој ги спречува луѓето да бараат азил во Европа.

Белгискиот лидер на либералната политичка група, Гај Верхофштад, минатата недела пред европратениците во Стразбур изјави дека сега жедта на Ердоган за моќ е без граници.

– Тој може да си прави што си сака. Ние не преземаме никаква акција против Турција, дури не ги ни прекинуваме преговорите за пристапување кон ЕУ – рече тој.

Европската комисија вели дека планот е да продолжат да ѝ даваат пари на Турција и покрај „постојните околности“. Таа, исто така, ги истакна правно обврзувачките обврски, кои ги оправдуваат средствата.

 

Турција добива повеќе пари од ЕУ од кој било друг

Износите не се незначителни. Турција добива повеќе пари од таканаречениот Инструмент за претпристапна помош (ИПА) од која било друга земја.

Од 2007 година до 2013 година, 4,8 милијарди евра беа наменети за Турција, што е повеќе од 40 проценти од сите средства на ИПА.

Од нив, 2,68 милијарди евра беа ветени, а 2,19 милијарди евра исплатени. Од 2014 година наменети се уште 1,65 милијарди евра за Турција, но сѐ уште не се исплатени.

Обврзувањата се легални ветувања за трошење пари на одредени проекти. Плаќањата се однесуваат на парите што ЕУ, всушност, очекува да ги плати во однос на договорот.

Во вторникот (20 јуни) Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент уште еднаш побара да се стави крај на разговорите за членство на Турција.

Германската европратеничка, Ренате Зомер, која го води досието на групата за Турција, истакна дека крајот на разговорите за пристап ќе значи и прекинување на претпристапните фондови.

– Бараме пренасочувањето на средствата од ИПА да се искористи само за поддршка на граѓанското општество и за подобрување на состојбата на бегалците во Турција – рече таа.

Претходно овој месец, надзорно тело на ЕУ за финансии, Европскиот ревизиски суд, соопшти дека ќе почне да испитува како се трошат парите.

Ревизорите најавија дека ќе се фокусираат на области како што се владеење на правото, основните права, демократија, владеење и образование.

Резултати се очекуваат некаде на почетокот на следната година.

Из­вор: „Еуобзервер“
Пре­вод: Ана Цве­та­но­ска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top