| четврток, 6 декември 2018 |

На чиј грб ќе се лечат Албанците во Македонија?

Точно е дека се размислува за одредено намалување на цените на здравствените услуги, до 20 проценти, како и за изработување посебни пакети за пациенти од други земји, кои во најголем дел се од Косово и од Албанија. Целта е нивно привлекување и промовирање на услугите во јавните здравствени установи во Република Македонија бидејќи сегашниот модел - странските државјани да плаќаат двојно повисоки цени, придонесува за нивно намерно пренасочување кон приватните здравствени установи – изјави Таравари за „Република“

Арбен Таравари, министерот за здравство, во едно телевизиско интервју истакна дека косовските и албанските граѓани што досега се лекувале во Република Македонија, во приватните клиники плаќале значителна сума пари. Тој во интервјуто анализираше дека албанските и косовските граѓани во минатото, ако сакале да се лекуваат во јавното здравство во Македонија, требало да платат двапати повисока цена на услуги како странски државјани, според постојниот модел, за разлика од македонските граѓани, со што цената на услугата имала директно влијание овие граѓани да ги избираат приватните клиники.

Како што кажа Таравари, ваквиот модел треба да се укине, односно косовските и албанските граѓани треба да ги имаат истите цени за здравствени услуги како и македонските граѓани. Оправданоста на менувањето на моделот Таравари ја гледа во тоа што значителен дел од приходите што сега се одлеваат во приватните калинки, ќе може да се насочат во јавното здравство, иако тоа би значело дека со парите од даноците на македонските граѓани ќе се лекуваат странски државјани, во случајот од Косово и од Албанија.

Во изјава за „Република“ Таравари рече дека не е точно дека косовските и албанските граѓани ќе плаќаат иста цена за здравствените услуги, но најави дека се размислува за одредено намалување на цените.

– Дезинформација е податокот дека косовските и албанските граѓани ќе имаат исти цени на здравствени услуги со македонските граѓани и ова досега не било кажано. Точно е дека се размислува за одредено намалување на цените на здравствените услуги, до 20 проценти, како и за изработување посебни пакети за пациенти од други земји, кои во најголем дел се од Косово и од Албанија. Целта е нивно привлекување и промовирање на услугите во јавните здравствени установи во Република Македонија бидејќи сегашниот модел – странските државјани да плаќаат двојно повисока цена, придонесува за нивно намерно пренасочување кон приватните здравствени установи – изјави Таравари за „Република“.

Пациентите кои се лекуваат во македонските болници, а не се државјани на Македонија плаќаат 50 отсто повеќе за здравствените услуги.

Пред седум години тогашниот министер за здравство Бујар Османи и неговиот косовски колега Бујар Букоши потпишаа договор во Приштина за соработка меѓу двете земји во здравството и во медицинските науки. Тоа значеше дека овие пациенти, ако се лекуваат во јавното здравство, плаќаат двапати повисоки цени на услуги, како странски државјани.

Според информациите, косовските граѓани најмногу користеле онколошки, радиотераписки и ортопедски услуги во македонското здравство.
Здравствениот систем кај нас не познава Косовци или турски пациенти, познава странци и наши државјани. Но, две третини од странските пациенти се токму пациентите што доаѓаат од Косово.

– Во интерес на јавното здравство на РМ е да ги привлечеме пациентите од Косово и од Албанија, посебно за користење на услугите од терминалната здравствена заштита, кои и најчесто се користат од странските граѓани, меѓу кои се и државната кардиохирургија, онкологија и радиотерапија, како и лекувањето во Центарот за позитронска емисиска томографија ПЕТ-центар, кој претставува единствен регионален центар од целиот регион.

Позитронска емисиска томографија, освен во борбата против малигните заболувања, се користи во областа на онкологијата, хематологијата, кардиологијата, неврологијата, а во поново време и во детската патологија и во интерес на нашата држава е привлекување странски пациенти да ги користат овие здравствени услуги во ЈЗУ – рече Таравари.

Инаку, за кратко време се планирани и работни посети на министерот Таравари со министрите за здравство на Косово, Албанија и на другите соседни земји на кои ќе се разговара за унапредување на меѓусебната соработка во областа на здравството и за привлекување на пациентите од регионот да се лекуваат во јавните здравствени установи во државата.

Слободни здравствени зони

За 2017 година поранешниот министер за здравство Никола Тодоров размислуваше за отворање на првата слободна здравствена зона со цел развивање здравствен туризам, привлекување странски капитал за воведување нови здравствени методи и постапки, трансфер на нова технологија, зголемување на конкурентноста. Овој концепт се применува во Дубаи, во еден сегмент и во Јужна Кореја, а сега почнува да се применува и во Турција. Слободните здравствени зони беа дел од програмата на поранешната Влада. Целиот концепт беше замислен на тој начин да се оформи една здравствена зона на поголема територија, која, најверојатно, би била во Скопје на 15-20 хектари, во која ќе бидат сместени болници основани и изградени од странски компании. Компаниите треба да имаат точно определени ниво на искуство и да исполнуваат определени услови.Беше замислено здравствените услуги во зоната да не бидат достапни за граѓаните на Република Македонија и на Косово, во првите 10 години од отворањето на здравствената установа, за да не се предизвика нелојална конкуренција, особено во однос на веќе отворените приватни здравствени установи во Македонија.

 

Македонија како регионален центар за кардиохирургија за деца

Детската кардиохирургија претставува една од најдефицитарните специјализации во светски рамки. Секаде, освен во најголемите центри за детска кардиохирургија како „Бостон чилдрен хоспитал“, на пример, тимовите се сведуваат на двајца кардиохирурзи. Принципот на миграција на пациенти е нормален, така што е за очекување кај нас да дојдат пациенти од Косово. Кај нас, на Клиниката за детска хирургија, се оперираат многу пациенти од Косово бидејќи тие немаат ниту детска хирургија, ниту, пак, детска кардиологија. Регионалноста е неминовна ако тимот функционира.Тимот треба да опстои и да нуди квалитет за да може отсекаде да привлече пациенти и да биде транспарентен со цените – изјави во едно интервју за „Република“ Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија и шеф на одделот за детска хирургија при Универзитетската клиника во Скопје.Тој објасни дека за три години на Клиниката за детска хирургија се направени 185 операции на срце кај бебиња и кај деца. Македонскиот тим самостојно ги извршува операциите, под надзор на американски лекари, а педесет отсто од операциите досега ги извршил македонскиот тим.

Пишува: Але­ксан­дра М. Бун­да­лев­ска
(Текст објавен во 251. број на неделникот „Република“, 23.6.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top