| четврток, 6 декември 2018 |

Турскиот уметник Омер Фарук Текбилек го отвора 38-то издание на „Скопско лето“

Богата програма за сечиј вкус со над 50 содржини ќе понуди 38-то издание на Скопско културно лето кое ќе биде отворено со концерт на еден од највлијателните турски музичари и композитори кој живее и работи во САД маестро Омер Фарук Текбилек…

Елизабета Кузмановска, член на Извршниот одбор на Скопско лето информираше дека годинавана програмата има 20 концерти, осум претстави, три промоции на книги и 10 филмски проекции во кафе-киното кое годинава ќе се одржува во прекрасниот амбиентален простор на Сули ан.

Вечерва со концертот на Омер Фарук Текбилек во Македонската опера и балет ќе се отвори Скопско лето.

– Лично во мојата уметничка кариера се убедив, а верувам и вие го делите мислењето дека музиката е најдоброто нешто што може да не сплоти и да не здбили сите нас. Посебно сум почестен што ќе го отворам овој фестивал кој со уметноста и музиката ќе ги зближи сите луѓе без оглед на јазикот и етничката припадност, рече Текбилек.

Тој најави дека пред скопската публика ќе изведе колаж од својот репертоар во кој ќе доминираат романтичната и фолклорната музика. Пред настапот на Текбилек на улицата „Македонија“ светски реномираната американска уметница со потекло од БиХ, Едина Селесковиќ ќе ја постави инсталацијата „Мисли слобода“.

Таа вели дека станува збор за уметничла инсталација која успеала да соедини многу млади луѓе, уметници, архитекти кои на скулптури ги поставуваат своите пораки и размисли за тоа што за нив значи слободата. Проектот којшто го започнала во 2015 година во Сараево, треба да гостува низ градови во 36 земји во светот, а ќе биде заокружен со негова презентација во Њујорк во 2020 година.

– Задоволна сум што светската турнеја многу добро поминува. На илјадните скулпури што сега ги имаме има пораки од луѓе за тоа што точно тие скулптури им значат. Во Скопје ќе разговарам со учениците во неколку средни училишта во Скопје што значи слободата за нив, ќе ги соберам нивните пораки, а потоа ќе ги поставам на мини-скулптури во Скопје и ќе ги понесам на гостувањата низ 30 градови и земји во Европа, Азија, Латинска Америка и Австралија. Сите тие ќе бидат презентирани во 2020 година во Њујорк, на тој начин децата од сите тие различни земји ќе бидат симболично заедно и ќе го пребесеме нивниот глас пред светот. Ве повикувам да ја погледнете инсталацијата, но и да ја доживете и ги споделите своите размисли за слободата со нас, рече Селесковиќ.

Вториот ден на Скопско лето ќе биде во знакот на словенечката култура и уметност со која ќе бидат одбележани Денот на државноста на Словенија и 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Словенија.

Како што информира словенечкиот амбасадор во Македонија Милан Јазбец, програмата ќе содржи изложба на словенечката стрип-сцена со дела од седум истакнати словенечки стрип-автори која вклучува втемелени автори, но и дела од младата генерација, а концерт ќе одржи и култниот словенечки рок кантавтор Зоран Предин со неговиот бенд во подмладен состав „Лачни Франц“.

– За две години Скопско лето и Зоран Предин ќе слават јубилеј 40 години од своето делување. Предин со својата музика и делување отвораше простор за критика на поранешната држава и го навести нејзиниот распад, приватизацијата…, рече Јазбег.

Програмата на овогодинешното Скопско лето ќе се одвива на 18 локации и простори во Скопје, како што се театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули ан, централното гардско подрачје кои во летниот период се претвораат во летни сцени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top