| четврток, 6 декември 2018 |

Во Аргентина во скриена соба пронајдени 75 нацистички артефакти

Главна претпоставка е дека се сопственост на некој следбеник на Хитлер од високите кругови на нацистичкото друштво, кои во голем број ја населиле Јужна Америка после војната

Во скриена соба во една куќа недалеку од Буенос Аирес, полицијата пронашла колекција нацистички артефакти, веројатно досега најголемата откриена во Аргентина. Меѓу пронајдените предмети има елегантни кутии со свастики, па дури и медицински инструменти.

Околу 75 предмети се пронајдени во Бекар во предградието на аргентинската престолнина, а властите веруваат дека тие припаѓале на нацист со висок ранг.

Прелиминарните истражувања покажуваат дека станува збор за оригинални дела“, вели министерката за безбедност Патриција Булрих, додавајќи дека се пронајдени и многу стари фотографии на кои се појавува и Хитлер.

Меѓу предметите е и статуа на нацистички орел над свастика и биста на Фирерот.

Полицијата се обидува да дознае на кого му припаѓале предметите пронајдени во скриената соба, позади библиотека во куќата.

Главна претпоставка е дека се сопственост на некој следбеник на Хитлер од високите кругови на нацистичкото друштво, кои во голем број ја населиле Јужна Америка после војната.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top