Амбасадата на Шведска, во соработка со Кинотеката на Македонија ќе го прикаже шведскиот документарен филм ”Само обичен човек” во среда, 21 јуни во 20 часот во Кинотеката. Документарниот филм е за правото секој да биде тоа што навистина сака. Некои луѓе се родени во погрешно тело. Сем е еден од нив и ова е неговата приказна.
Пред 22 години се раѓаат близначките Изабел и Дениз. Но уште како дете Изабел знае дека е поинаква од другите девојчиња. Длабоко во себе Изабел знае дека е момче, родено во тело на девојче. „Кога ќе пораснам ќе бидам татко“, вели шестгодишната Изабел на една семејна видеоснимка. Неколку години подоцна, Изабел го менува името во Сем.
На почетокот, неговата мајка мисли дека е само минлива фаза, но од моментот кога ќе сфати дека Сем е сериозен, таа потполно застанува зад него и го подржува во неговата истрајност да биде тоа што е. Неговата сестра близначка е исто така негов најголем сојузник.
Сем ја прави транзицијата на млада возраст, имајќи ја поддршката и безусловната љубов на својата мајка и сестра. Денес тој е млад човек кој се обидува да го најде својот пат во една реалност која не секогаш е нежна со него. Тој само сака да ужива во животот заедно со своите пријатели како и било кој друг млад човек, без да мора постојано да се соочува со преиспитувања на неговиот идентитет. „Јас сум само еден обичен човек! Може сега да зборуваме за нешто друго?“
Филмот го прати животот на Сем од 6 до 22 годишна возраст, прикажувајќи ги не само тешкотиите на адолесценцијата и на чувствувањето различен, туку и победите при остварувањето на својата автентичност.
Филмот е номиниран за Банф Роки Награда во 2016 во Канада.
Режија : Малин Бјоркман – Видел, Сценарио: Малин Бјоркман – Видел, Продуцент: Малин Бјоркман – Видел, Ларс Сафстром, Шарлот Мадсен, Време на траење: 58 минути, Година на објавување: 2015
Превод: македонски и англиски, влез слободен.
Билетите се резервираат во Кинотека на телефон 02/30 65 968 или 02 30 71 814.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.