Македонија со убедлива победа над Чешка ги заокружи успешните квалификации за ЕП во Хрватска, а Борко Ристовски беше еден од најдобрите поединци на теренот и со своите одбрани го откажа противникот од позитивен резултат во Скопје.
Нашиот голман пред медиумите најпрвин зборуваше за текот на средбата против Чешка.
– Се виде разлика во однос на првиот натпревар кој го одигравме во Чешка. Во првото полувреме малку не кочеше она сознание дека веќе имаме остварено пласман на ЕП, малку и ги потценивме, а тука беше и желбата да се покажеме во добро светло пред домашната публика. Но, во вториот дел одигравме квалитетно и во одбрана и во напад и тоа даде резултат.
Борко направи и споредба меѓу претходниот селектор Лино Червар и актуелниот Раул Гонзалес, но откри и една анегдота поврзана со првата средба во Чешка кога селектор беше Червар и Македонија загуби убедливо…
– Сега на клупата имаме човек кој објаснува доста смирено, го разбира ракометот и во секој момент знае што сака со нашата одбрана и репрезентацијата. Не секогаш ќе излегува на добро, нема секогаш да победуваме со над десет разлика, но знаеме што сакаме. Како споредба, за натпреварот со Чешка на гостински терен кој го загубивме се подготвувавме гледајќи видео снимка од дуелот Металург-Монпелје, јас не знам како се подготвува репрезентација за дуел со Чешка со тој натпревар. Разликата е огромна од секој аспект и гледате дека во ниту еден момент немаше нервозни реакции и критики од Раул и стручниот штаб, тоа е разликата е кога имаш поддршка цело време и знаеш што сакаш да постигнеш – потенцира Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.