| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија е на Европското првенство, Чешка не ни е дораснат противник!

Македонија го одржува континуитетот од настапи на големите натпреварувања откако нашата репрезентација вечерва славеше над Чешка со преубедливи 33-20, за освојување на првото место во групата во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. Нашите ракометари имаа сметки за израмнување по убедливиот пораз во Плзењ минатата година, па вечерва одиграа феноменално, уште повеќе набивајќи им комплекс на Чесите при нивните настапи во Скопје.

Македонија мечот го започна со гранитно цврста одбрана и два лесни гола од контра преку Манасков и Лазаров за 2-0. Чешка својот прв погодок вечерва го постигна на истекот на 6. минута преку Јурка.

Во продолжени мечот влезе во нешто поефикасен период во кој и двете екипи лесно го пронаоѓаа патот до голот. Во таква ситуација, во 13. минута избраниците на селекторот Гонзалез, поведоа првпат со +3 (7-4) со голот на Митков.

Во ритам од самиот старт беше Кире Лазаров, кој одигра неповторливо прво полувреме во кое постигна дури девет погодоци со само едно промашување. Подеднакво добро функционираа и нападот и одбраната, па на одмор се замина со убедливи 16-10, со фантастичниот двоен цепелин на Лазаров и Манасков.

Јасно беше дека Чесите немаат капацитет за камбек, Македонија продолжи да доминира. Во моментите кога имавме краток „пост“ во нападот на голот блескаше Ристовски, а потоа на спротивната страна во ритам влегоа и Лазаров и Жарко Пешевски. Разликата од минута во минута се повеќе се зголемуваше, па во 44. минута Македонија за првпат дојде и до двоцифрена позитива (25-15). Гонзалес го повлече од игра Ристовски, но и нововлезениот Никола Митревски продолжи со одличен настап на голот на нашата селекција. Македонскиот селектор ги повлече од игра и останатите „стартери“, но и со резервниот состав „црвено-жолтите“ знаеја како да ја одржат убедливата предност, па со головите во празна мрежа на голманот Митревски и на Талески на крајот да слават со преубедливи 33-20.

Кире Лазаров со 11 гола беше најефикасен во македонскиот табор, пред Манасков со шест и Пешевски со четири погодоци, додека Борко Ристовски беше одличен на голот со 16 одбрани за помалку од 50 минути игра, додека Митревски набрзина нанижа шест од кои два седмерци.

Македонија го освои првото место во оваа квалификациска група и ќе се најде во вториот шешир при ждребот за Европското Првенство. Чешка оди на ЕП во Хрватска како второпласирана, а билет за континенталниот собир ќе има и за Исланд, како најдобра третопласирана репрезентација во овие квалификации, по вечерашната победа над Украина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top