| четврток, 6 декември 2018 |

Отстрането видеото од дебатата во која Канческа- Милевска го патосираше Алаѓозовски

Видеото од синоќешната емисија „Отворено“ каде екс-министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска буквално го патосираше новиот министер Роберт Алаѓозовски од СДСМ повеќе не е достапно на сајтот на Телевизија 24. Канческа- Милевска беше супериорна во дебатата во која Алаѓозовски беше неприметлив, објави Курир.

-Отвореноста од моја страна секогаш била на највисоко можно ниво, немам одбиено ниту една дебата, тоа може секој новинар да го потврди, кој ме поканил секогаш сум била присутна, секогаш сме имале отчетност во резултатите за сите стимулативни мерки кои биле преземени, јавно, на прес конференции, со комисија, со луѓе кои работеле со резултати, кажа поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска во гостувањето во емисијата Отворено на 24 Телевизија.

Во емисијата гостуваше и сегашниот министер Роберт Алаѓозовски, но за разлика од супериорниот настап на Канческа-Милевска, тој беше незабележив, поранешната министерка напомена дека се работи за два различни концепта меѓу оваа и минатата влада. Според нејзините зборови ВМРО-ДПМНЕ имаше еден концепт на програма, со проекти јасно презентерани, што и во кој период ќе се реализира, а дел од нив беа и во проектот Скопје 2014.

-Во делот на проектот Скопје 2014, бидејќи во изминатиот период многу самиот проект и терминолошки, несоодветно се третира, така да јас еве од оваа страна како Министерство за култура, тоа може да го види и колегата Алоѓозовски. Министерството за култура во овој проект се јавува како инвеститор на неколку проекти, кои што проекти се наоѓаат во програмата на Владата. Ние треба да говориме и добро е да говориме дека имаме два различни концепти, од една страна имаме концепт на програма, со проекти јасно презентерани, што и во кој период ќе се реализира. Сето тоа може да се дебатира и мерливо да се види, што е тој проект што е ветен, за што граѓаните дале доверба, дали се реализирал, од кои причини не се реализирал и каков е бенефитот од самата реализација или од самата инвестиција, рече Канческа-Милевска.

Ги спомена и покрупните проекти кои министерството ги реализирало.

Ние во тој проект сме вклучени во изградбата на стариот театар, на изградбата на Музејот на македонската борба, на концертната сала за Македонската филхармонија, на Архелошкиот музеј, во делот на ентериерот, спомен куќата на Тоше Проески, театарот во Велес, спомен куќата на Мајка Тереза. Зборувам како покрупни проекти, тие се тие проекти во кои што ние како Министерство за култура се јавуваме како инвеститори“, додаде Канческа-Милевска.

Рече и дека транспарентноста во овие проекти е на највисоко ниво.

-Зборувам за проекти кои се под надлежност на Министерството за култура. Ние по секое завршување на меѓународниот конкурс сме имале изложба на сите трудови кои што биле пристигнати, претседателот на комисијата кажува кој добил прва, кој втора награда и врз основа на што ќе се продолжи во градбата. Сите документи во однос на објавен тендер, во однос на сума, сите документи се јавно достапни. Така да таа транспарентност во овие проекти е на највисоко ниво“, изјави Канческа-Милевска.

Според неа, од досегашните многубројни капитални инвестиции, резултатите се видливи и на високо ниво и се реално мерливи.

-Се стимулираше унапредување на културата и се заштити културното наследство“, рече таа.

За изведбата на сите капитални проекти изрази огромна благодарност до сите вработени во министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top