| четврток, 6 декември 2018 |

Стојановски:Со поддршка од централната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, невработеноста од 38 отсто ја намаливме на 6 отсто

За само девет години, општина Илинден рапидно ја намали невработеноста. Односно од 38 отсто во 2008 година, сега во оваа општина има само 6 отсто невработени. Сето тоа е овозможено од активните мерки кои се имплементираат во оваа општина на локално ниво поддржани од досегашната централна власт предводена од ВМРО ДПМНЕ.

-Една од најзначајните надлежности на локалната самоуправа е локалниот економски развој. Предизвик на секоја локална самоуправа е привлекување на домашни и странски инвестиции, како и проширување на капацитетите на веќе постоечките инвеститори, а со самото тоа се намалува и невработеноста – истакна градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски, на денешната панел дискусијата „Единствени кои носат инвестиции и отвoраат работни места“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ во рамки на одбележувањето на роденденот на партијата.

Во општина Илинден, како што истакна Стојановски, досега има реализирано 180 инвестиции.

-Знаењето, концептот на одржлив раст, соработката со централната власт на ВМРО-ДПМНЕ, концептите кои ги изградивме заедно, стратешките планови кои беа усогласени на централно и локално ниво доведуваат за намалување на невработеноста и квалитетот на живеењето на граѓаните- додаде градоначалникот на Илинден.

Оваа општина инвестира и во младината и нејзината иднина, а тоа најдобро го докажува фактот што неколку години наназад, таму функционира средно училиште кое продуцира технички кадар,кој пак веднаш се вработува во фабриките кои се наоѓаат во непосредна близина.

-Зголемувањето на вработеноста, како и вложувањето во инфрастуктурата го подобри животот во општината што придонесе не само за задржување на досегашните жители, туку и доселување на нови. Така ако во 2002 година Илинден имал 15.000 жители, сега сум убеден дека има 18.000 жители-додаде Стојановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top