| четврток, 6 декември 2018 |

„Адиент“ ја отвори својата нова фарбика во ТИРЗ Струмица, Заев само се сликаше

„Адиент“, глобалниот лидер во областа на производство на автомобилски седишта, денес официјално го најави отворањето на својата нова фабрика за производство на навлаки за автомобилски седишта, сместена во технолошко-индустриската развојна зона во Струмица.

Новата фабрика се простира на површина од 12.500 м2 и е опремена со врвна технологија за производство на навлаки за автомобилски седишта, првично наменети за потребите на клиентите на европскиот пазар. Заедно со иницијалната инвестиција од повеќе од 20 милиони американски долари за изградба на оваа „гринфилд“ инвестиција, „Адиент“ ќе вработи повеќе од 1.300 лица, дополнително потврдувајќи ја својата силна заложба за инвестирање во македонската економија.

-Mи претставува особено задоволство што пред една година ја најавивме изградбата на нашата нова фабрика, а денес гордо стоиме пред неа ‒ една од најголемите и најмодерни фабрики за производство на автомобилски компоненти во регионот. Оваа инвестиција е уште еден јасен доказ за нашите намери да инвестираме во македонската економија и претставува уште еден важен чекор кон проширувањето на нашата производна мрежа во Европа, што, пак, дополнително ќе придонесе кон обезбедување на нашите клиенти, односно автомобилските компании, со диференцирани производи базирани на квалитет, технологија и перформанси, изјави г. Владимир Теплик, Потпретседател на операции на „Адиент“.

На официјалната церемонија за отворањето беа присутни високи владини претставници, амбасадори, претставници од институциите, како и многубројни партнери и соработници на „Адиент“. На настанот, покрај г. Теплик, се обрати и г. Зоран Заев, Претседател на Владата на Република Македонија, г. Џес Л. Бејли, амбасадор на САД во Македонија, како и г. Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, нагласувајќи ја важноста на ваквите инвестиции за македонската економија, како и за позиционирањето на Македонија на глобалната производна карта.

„Адиент“ е глобален лидер во производството на автомобилски седишта. Со 75.000 вработени и 230 производни фабрики/фабрики за склопување во 33 земји насекаде во светот, произведуваме и испорачуваме автомобилски седишта за сите класи на возила и сите големи ОЕМ производители. Од комплетни системи за седење, до поединечни компоненти, нашата експертиза се протега во рамките на секој чекор од процесот на производство на автомобилски седишта. Нашите интегрирани вештини што ги поседуваме внатрешно ни овозможуваат да го опфатиме целиот процес, почнувајќи од истражување и дизајн, па сè до инженеринг и производство, а сето тоа стигнува во повеќе од 25 милиони возила годишно.

Согледувајќи ги потребите за флексибилност на растот во и надвор од автомобилската индустрија, од 7 јули 2016 година, „Адиент“ се оддели од „Џонсон Контролс“ како одделен бренд со свои средства, системи, фабрики и вработени. Од 31 октомври 2016 година, „Адиент“ котира на Њујоршката берза како посебна организација.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top