| четврток, 6 декември 2018 |

Прогласена е вонредна состојба поради силниот земјотрес во Лезбос

Грчките власти, по вчерашниот силен земјотрес што го погоди островот Лезбос, прогласија вонредна состојба.

Земјотресот, со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала, најголеми материјални штети предизвика во селото Вриса, каде живеат речиси 600 жители.

Исто така при земјотресот во селото Вриса, загина и една жена (43), чие тело беше пронајдено од страна на спасувачките екипи, под урнатините од нејзиниот дом.

Државните инженери ги проценуваат штетити, но се оценува дека поголемиот број од куќите е невозможно да се поправат, туку треба да бидат изградени од ново.

Грчкиот министер за внатрешни работи Никос Тоскас, изјави дека 70 до 80 проценти од домовите во селото се целосно урнати.

Имено, уште 11 села на островот се погодени, но како што наведе Тоскас, штетити во тие села минимални.

Советот на грчката Влада, на чело со премиерот Алексис Ципрас, денеска ќе одржи состанок со цел да се одлучи за реконструкцијата на домовите и итното сместување за лицата кои останале без нивните домови во Вриса.

Епицентарот на силниот земјотес, што го погоди вчера грчкиот остров Лезбос, се наоѓал на околу 84 километри од турскиот град Измир и 15 километри јужно од Лезбос, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Англиското издание на турскиот весник „Хуриет“ објави дека земјотресот силно се почувствувал и во Измир, како  и во Истанбул и во соседните подрачја.

„Хуриет“ наведе дека по земјотресот следеле уште два вторични потреси со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала, во 15.35 часот по локално време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top