| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника“ ја објави книгата „Спомени“ од Павел Шатев

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, деновиве ја објавија книгата „Спомени“ од Павел Шатев, како трет том од оставината на Шатев. Преводот од бугарски јазик е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.

Павел Шатев своите спомени, под работен наслов „Од поуките во минатото учиме за чекорите во иднината“, ги напишал во затворот во Ќустендил, Бугарија, во периодот од 22 ноември 1943 до 7 мај 1944 година, во ракописен обем од 931 страница. По завршувањето на Втората светска војна се вклучува во политичкиот живот на новата македонска власт и тие остануваат без довршена авторска редакција.

Проф. д-р Зоран Тодоровски, меѓу другото, во предговорот на Спомените пишува:

– Сега кога излегоа долго чуваните и замрзнати спомени на Шатев, македонската јавност со право ќе се запраша: зошто токму сега, и зошто дури сега? После 70 години откако се напишани и 62 години од неговата смрт. Причините се повеќе. Најпрвин, спомените, барем во таквите македонски политички состојби по ослободувањето на Македонија, не можеа да бидат објавени затоа што никој не смееше да го обнароди споменот на еден анархист, македонски национален деец, соработник на советската разузнавачка служба, еден од првите критичари на новото македонско партиско раководство. Кој би се осмелил тогаш, во една таква строго контролирана партиска идеологија и цензура, дури до 1991 година , да ги објави спомените на овој македонски национален деец, со цврсто изградени идеи и идеологии, кој на нив ќе остане доследен сè до крајот на својот живот, не подлегнувајќи ниту на жестоките сослушувања и измачувања од страна на македонските полициски служби. Никогаш не барајќи милост или прошка од иследниците на УДБА за стореното, тој единствено признавал дека работел за македонските национални и државни интереси.  Уште повеќе, спомените на Шатев не можеле да бидат објавени додека бил жив Димитар Влахов и заземаше високи државни функции, а кого Шатев во своите спомени жестоко го критикува на етички и морален план. А и мемоарите на Влахов долго време чекаа за објавување – пишува д-р Тодоровски.

Спомените на Павел Шатев, за разлика од многубројните спомени на македонските револуционерни дејци, не се само спомени и реминисценции за неговата богата револуционерна дејност, туку претставуваат историографска студија, полна со анализи, размислувања, идеи, констатации и реконструкции на македонските револуционерни и политички состојби, на состојбите и политиката на балканските држави кон Македонија и на политиките на големите сили кон Балканот и Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top