| четврток, 6 декември 2018 |

Кривичниот суд појасни: Нема да одлучуваме за притвор на Кочан, само за гаранцијата!

Откако се раширија шпекулации дека судот повторно ќе одлучува за притворот на бизнисменост Сеад Кочан, Кривичниот суд денеска појасни дека нема повторно да одлучува за притвор на бизнисменот Сеад Кочан, туку само за гаранцијата од 900.000 евра. Апелацискиот суд Скопје ја укина одлуката за гаранција и предметот го врати на повторно одлучување.

-Појаснуваме дека неточни се наводите дека првостепениот суд повторно ќе одлучува во однос на предлогот за определување мерка притвор, бидејќи, согласно решението на второстепениот суд, Кривичниот совет при Апелациониот суд ја прифатил жалбата на СЈО и го укинал решението на судијата на претходна постапка само за точка два од решението, односно во делот со кој се определува гаранција во вкупен износ од 875.298.56 евра и предметот, само во однос на оваа точка, се враќа на повторно одлучување. Во однос на точка еден од решението на судија на претходна постапка со која се одбива предлогот на СЈО за определување мерка притвор против осомничениот С.К., како и точка три од решението на судија на претходна постапка со која се определуваат мерки на претпазливост против осомничениот, остануваат непроменето, појаснува Основниот суд Скопје во соопштението.

Кривичниот совет на Апелацискиот суд Скопје во вторникот ја прифатил жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и ја укинал гаранцијата на Кочан, бидејќи тој и неговите адвокати не ги доставиле сите потребни докази од кои би се утврдила основаноста на понудената гаранција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top