Американскиот претседател Доналд Трамп денеска во телефонски разговор со катарскиот емир, шеик Тамим бин Хамад ал Тани изразил подготвеност да посредува во надминување на кризата околку Катар, до која дојде откако пред два дена неколку арапски земји ги прекинаа врските со Доха, обвинувајќи ја земјата за поддршка на тероризмот и за финансирање на екстремни исламистички групи.
Како што соопшти Белата куќа, Трамп нагласил дека ги кани лидерите на земјите од реонот на Персискиот Залив на средба во Белата куќа за да разговараат за надминување на спорот. Трамп во разговорот му посочил на Ал Тани дека сите земји од регионот треба да сорабитуваат во спречување на финансирањето на тероризмот и на ширењето на екстремистичките идеологии.
Американскиот претседател нагласил и дека соработката меѓу арапските држави од Персискиот Залив и нивното силно партнерство со САД се од клучно значење за уништување на тероризмот. Пред САД, и Кувајт иницираше посредничка мисија за надминување на кризата, а слични предлози упати и Турција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.