Концертот на турскиот етномузичар со меѓународна кариера Омер Фарук Текбилек на 21 јуни во Македонската опера и балет ќе го отвори 38. Скопско лето, соопштија денеска на прес-конференција Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС) и Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.
Текбилек, кој живее и твори во САД, свири на специфични традиционални инструменти неј, саз, тарабука, кавал и зурла. Музичкиот стил и инспирација ги црпи од традиционалната Суфи уметност и арапската традиционална музика, во кои вклучува амбиентални електронски елементи. Ќе настапи со група во која членуваат музичари од Балканот и од Италија.
Елизабета Кузмановска, член на Извршниот одбор на ДКУС, и директорот на „Јунус Емре“ Фуат Коркмаз, искажаа задоволство што по четири години договорање успеале да го донесат Текбилек кој специјално за овој концерт од Америка ќе допатува во Скопје.
– Препознатлив е по традиционалните инструменти. Неговата музика е лек за душата, допира до нашите чувства и носи порака дека музиката зближува, рече Коркмаз, додавајќи дека неговата група, во која членува и македонскиот перкусионист Ратко Даутовски, е слика на мултикултурализмот.
Билетите се по цени од 500 и 600 денари и се во продажба во МОБ. Почетокот на концертот е во 22 часот, кога и официјално ќе биде отворен фестивалот, а претходно него ќе го најават два настана на улица „Македонија“ – од 19 часот е настапот на Градскиот дувачки оркестар, а околу 20 часот поставувањето инсталација „Think Freedom“ на босанската уметница Едина Селешковиќ.
Наредниот ден, 22 јуни, на платото пред МОБ концерт ќе има словенечката рок-група „Лачни Франц“, организиран во соработка со Амбасадата на Словенија по повод одбележувањето на државноста на земјата. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, која го организира летниот фестивал во главниот град, наскоро ќе ја соопшти целата програма за 38-мото издание.
Беше промовиран и плакатот за фестивалот кој е дизајн на Христијан Санев. Авторот појасни дека изработил транскрипција на познатиот археолошки пронајдок Божица Мајка со графички пристап и дека претставува спој на овдешното историско поднебје и модерното време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.