| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот народен театар со „Ничија земја“ го затвора ревијалниот фестивал во ЦНП

Во рамките на одбележувањето на 20 години од обновувањето на зданието на Црногорско народно позориште, од 31 мај до 7 јуни во ЦНП гостуваат театрите од регионот. Народно позориште Сараево се претстави со претставата „Се некако се преживува освен смртта“ по текст на Љубица Остојиќ, а во режија на Дино Мустафиќ, ХНК Загреб на 4 јуни ја одигра Три зими“, по текст на Тена Штивчиќ, во режија на Ивица Буљан. Вчеравечер Народно позориште Белград се претстави со претставата „Бизарно“ по текст на Жељко Хубач, во режија на Снежана Тришиќ.

Вечерва, на 7 јуни, со почеток во 20 часот на големата сцена во ЦНП, Македонскиот народен театар ќе ја одигра претставата „Ничија земја“ по текст на Данис Тановиќ и Александар Морфов, а во адаптација и режија на Александар Морфов.

Претставата „Ничија земја“ претставува ново сценско видување на познатиот текст на Данис Тановиќ, но и навистина голема и актуелна тема. „Ничија земја“ е слика на апсурдноста на балканските народи и нивната ирационална интеракција и во мир и во војна.

„Ничија земја“, својата премиерна изведба ја имаше на 3 јуни, на отворањето на 4-тото издание на МНТ-ФЕСТ. По ова нејзино прво гостување, претставата ќе се игра на 23 јуни во рамките на Скопско лето, а на 20 август ќе го затвори и фестивалот Охридско лето.

Во претставата играат: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски,Марија Кондовска, Томе Станковски, Моника Ѓорѓиевска и Моника Грковска.

Сценографијата и костимите се на Никола Тороманов и Валентин Светозарев, избор на музиката е на Александар Морфов, дизајнот на светлото е на Крис Јегер и асистенти на режисерот се: Николина Кујача и Никола Кимовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top