| четврток, 6 декември 2018 |

Мајсторска „Ничија земја“, бравурозни Коцев, Ацески и Михајловски

Со овации, аплауз кој траеше повеќе од десетина минути и големо „браво“ беше поздравена екипата на „Ничија земја“, претстава со која синоќа почна МНТ-Фест. Ова е премиера на Македонскиот народен театар (МНТ) во режија и адаптација на гостинот од Бугарија, одличниот Александар Морфов.

По „Животот е прекрасен“, исто така во режија на Морфов, „Ничија земја“ ќе биде новата хит-претстава во националниот театар. Оваа сценска адаптација која е работена според сценариото на Данис Тановиќ, чиј истоимен филм беше добитник на наградата Оскар за најдобар странски филм, во 2001 година, ќе донесе многу гледачи во МНТ кој ќе сакаат да ги погледнат мајсторските улоги на Сашко Коцев, Никола Ацески и Александар Михајловски.

Коцев уште еднаш покажа дека е голем актер, покажувајќи го сиот свој раскошен талент. На Ацески можеби му беше најтешко, лежејќи на мината два часа, но тој одигра маестрално. Сепак, ѕвездата беше младиот Александар Михајловски, кој ја толкуваше улогата на младиот Нино, 18-годишниот српски војник.

Во сценариото „Ничија земја“ на Данис Тановиќ станува збор за војната што се случи во деведесеттите години на дваесеттиот век во границите на поранешна Југославија. Причината е слична како и за сите настанати војни – агресивното опстојување и наметнувањето на своевиден културен идентитет (вклучувајќи ја и верската припадност) што се меша со територијални, политички и економски претензии.

Интересно во случајов е дека завојуваните страни – Бошњаците и босанските Срби – се многу блиски во секоја смисла. Оттука и впечатокот дека непомирливите разлики меѓу нив се несуштински, а конфликтот – неодржлив. Тие војуваат, дури не можат точно да утврдат зошто и како започнало сè – се прашуваат, но не наоѓаат одговор. Но продолжуваат да се убиваат…

Аплаузите сепак, беа за комплетната екипа. Освен Коцев, Ацески и Михајловски, во претставата уште играат и: Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ/Томе Станковски, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски.

Сценографијата е на Никола Тороманов и Валентин Светозарев, а изборот на музиката е на Александар Морфов.

Костимограф е Валентин Светозарев, дизајнер на светло – Крис Јегер, асистенти на режисерот се Николина Кујача и Никола Кимовски, инспициент: Никола Кимовски, светло – мајстор: Игор Митревски, тон – мајстори: Ненад Трпеноски и Симон Кипровски, фотограф е Драган Гајиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top