Минималната заштитна цена на пченицата да биде 12 денари за килограм, интервентниот откуп да почнува од први јули кога е во тек жетвата и кога стартува откупот, а договорите со откупувачите и преработувачите да се склучуваат пред жетвата и да се почитуваат, бара Федерацијата на фармери (ФФРМ).
ФФРМ бара и почести контроли на Пазарниот инспекторат при откупот и исплатата, а субвенциите за тековната година производителите да ги добиваат пред есенската сеидба за навреме да се извршат земјоделските активности неопходни за квалитетно производство.
– Барањата се насочени кон заштита на земјоделците кои произведуваат пченица на мали површини, а се во голем број. Доколку итервентниот откуп биде со избор на комисија за донесување решенија за откупувачи, ќе се овозможи транспарентност на откупот и ќе се намали политичкото влијание-, соопшти денеска ФФРМ.
Федерацијата е на став и дека треба да се измени член 43 од Законот за земјоделство и рурален развој со што ќе се овозможи, како што објаснува, решението за избор на понудувачи за откуп на пченица да го донесува комисија во која ќе има претставници од земјоделските здруженија.
Според ФФРМ, производството на пченица годинава, посебно во Пелагонија, е намалено 60 отсто поради сушата, а родот е и со мал раст.
– Цената во последниот период се намалува, додека трошоците за производство се зголемени за 50 отсто. Лани се откупуваше и за осум денари. Производството, пак, поради климатските промени е намалено и во регионот- информира Федерацијата.
ФФРМ ги дефинира барањата вчера и ги достави до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до стопанските комори каде членуваат откупувачи и млинари.
Пченицата согласно последниот извештај на Државниот завод за статистика, е засеана на 80.924 хектари или на 34 отсто од вкупната земјоделска површина. Притоа, 64.706 хектари се во индивидуалниот сектор, 16.218 кај деловните субјекти и 104.853 кај малите земјоделски стопанства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.