Женската ракометна репрезентација на македонија ја забележа првата победа на контролниот турнир што се одржува во Анталија, Турција. Избраничките на селекторот Симе Симовски ја совладаа Литванија со 31-24 во рамки на вториот натпревар.
Нашите ракометарки одиграа доминантен натпревар против Литванија и заслужено дојдоа до убедлив триумф. На полувремето Македонија водеше со 17-10, а и во вториот дел продолжија со сигурната игра. Поведоа и со најубедливи десет голови разлика, но откако дојде до мало опуштање противникот успеа да ја намали предноста. На крајот нашиот национален тим славеше триумф од 31-24. Мирјета Бајрамовска со шест голови беше најефикасна во нашиот табор, додека Ивана Гакидова и Елена Ливриниќ реализираа по пет погодоци.
Македонија во првото коло загуби од Русија со 35-29, а во последното трето коло игра со домаќинот на турнирот, Турција. Овој контролен турнир е во рамки на подготовките за претстојниот бараж-двомеч со Шведска за пласман на Светското првенство во Германија во декември оваа година. Првиот натпревар со Шведска го играме во Скопје на 10 јуни, додека реваншот е на гостински терен три дена подоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.