Некогаш е толку смешно, што станува тажно. Вака Дејан Пројковски, директорот на Македонскиот народен театар (МНТ) ја најави најновата премиера на националниот театар „Ничија земја“ на Данис Тановиќ, а во режија и адаптација на Александар Морфов. Премиерата е закажана за 3 јуни, сабота, во 20 часот. Со „Ничија земја“ се отвора и годинашниот МНТ Фест.
Следната изведба на „Ничија земја“ е гостувањето во Подгорица на 9 јуни, а со оваа претстава ќе се затвори и годинашното издание на Охридско лето. Од септември „Ничија земја“ ќе биде на редовниот репертоар на МНТ.
По „Животот е прекрасен“ ова е втора соработка на националниот театар со големото театарско режисерско име Морфов. Со оваа претстава МНТ на 18 јуни гостува во Загреб, во Хрватско народно казалиште.
– Секој театар си ги бара своите големи режисери. МНТ со Морфов си го гради ансанблот. Создаваме претстави кои стануваат наша гордост. „Ничија земја“ е актуелна тема која никогаш нема да заврши на Балканот. Ова е претстава која предизвикува измешани емоции. Прво ти станува смешно, па тажно – вели Пројковски за „Ничија земја“.
Според него, „Ничија земја“ е современ Бекет на Балканот.
Во сценариото „Ничија земја“ на Тановиќ станува збор за војната што се случи во деведесеттите години на дваесеттиот век во границите на поранешна Југославија. Причината е слична како и за сите настанати војни ― агресивното опстојување и наметнувањето на своевиден културен идентитет (вклучувајќи ја и верската припадност) што се меша со територијални, политички и економски претензии. Интересно во случајов е дека завојуваните страни ― Бошњаците и босанските Срби ― се многу блиски во секоја смисла. Оттука и впечатокот дека непомирливите разлики меѓу нив се несуштински, а конфликтот ― неодржлив. Тие војуваат, дури не можат точно да утврдат зошто и како започнало сè – се прашуваат, но не наоѓаат одговор. Но продолжуваат да се убиваат…
Филмот „Ничија земја“ е награден со „Оскар“ за филм од неаглиско говорно подрачје. Но, во создавањето на претставата се земени само основите на филмот. Од МНТ информираа дека се откупени авторските права за текстот, а авторот Тановиќ го очекуваат како гостин на МНТ во септември.
Според режисерот, големо е задоволството да се работи со актерите на МНТ. Тој одамна сакал да го работи овој текст и среќен е што го поставува на сцената на МНТ.
– За жал, темата е многу актуелна, до болка. Во претставата националистичките демони излегуваат од секаде, како еден вид чистилиште. Се е вистина. Секој збор. Нема лага – вели Морфов.
Кога Морфов режира, тогаш актерите активно соработуваат и учестуваат во сценариото, па текстот од првата до последната проба претрпел 3.000 иземни кои успеала да ги наброи лекторката на текстот.
– Ова е моја втора соработка со Морфов, по „Животот е прекрасен“. Работевме и кога уште бев студент. Кога заврши „Животот е прекрасен“ нешто како да лебдеше во воздухот, како недокажано. Бевме сигурни дека повторно ќе се сретнеме и ете, се случи. Работевме напорно. Кастингот беше долг, но кога заврши, претставата израсна за само една недела – вели Коцев кој ја толкува главанта улога на Чики.
Никола Ацевски ја толкува улогата на Цера, војникот кој лежи на мината.
– Благодарен сум на менаџментот на МНТ што обезбдија повторна соработка со Морфов. Јас не би сакал да останам на три претстави, би сакал тоа да бидат најмалку 8 или 10 – рече Ацески.
Улогите во престатавата ги толкуваат: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ/Томе Станковски, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски. Сценографијата е на Никола Тороманов и Валентин Светозарев, а изборот на музиката е на Александар Морфов. Костимограф е Валентин Светозарев, дизајнер на светло – Крис Јегер, асистенти на режисерот се Николина Кујача и Никола Кимовски, инспициент: Никола Кимовски, светло – мајстор: Игор Митревски, тон – мајстори: Ненад Трпеноски и Симон Кипровски, фотограф е Драган Гајиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“