Високо-ефективен, компатибилен и модерен комуникациски систем за контрола на воздушниот сообраќај, може значително и директно да придонесе за поголема безбедност на летовите. Комуникацискиот систем е можеби најважниот систем за управување со безбедноста што овозможува брза комуникација на контролорите на летање на релација воздух – земја или земја – земја, меѓу авионите или со околните центри за летање.
М-НАВ, Македонска навигација како тело што ги овозможува сите услуги поврзани со воздухопловната навигација е надлежно за контрола на воздушниот сообраќај во цивилното, спортското и военото воздухопловство. Соодветно на тоа, Македонска навигација ја обезбедува безбедноста на воздушниот простор и затоа мора да биде опремена со адекватен, функционален и апликативен навигациски систем.
Двете комуникациски релации од кои е составен системот на Македонска навигација се воздух-земја комуникациски систем и земја – земја комуникациски систем. Но, опремата и за едниот и за другиот која се користи и е инсталирана на Солунска Глава како и во контролните кули на двата македонски аеродроми и има за цел да обезбеди одлична радио покриеност на целата територија на Република Македонија, е застарена и е потребно да се обнови.Токму затоа, Македонска навигација, М-НАВ отвори јавен тендер барајќи некоја од меѓународните реномирани компании да понуди решение за нов модерен комуникациски систем.
Новиот ситем на Македонска навигација ќе и помогне во поголема интероперабилност со соседните држави и висока ефективност на контрола на воздушниот сообраќај што се базира на сигурни и напредни системи.
Важноста на еден ваков, современ и далеку поефективен систем и потребата од напредна технологија која што ги поддржува релевантните аеродромски стандарди во однос на бараната безбедност, е потврдена од искуствата на аеродроми низ целиот свет. Еден од тие стандарди имплементиран во ваков безбедносен систем е така наречениот „FAB – FunctionalAirBlock”, којшто ја гарантира добрата и функционална соработка меѓу соседните земји. Истиот овој систем за комуникација е имплемтиран меѓу аеродромите во Романија и Бугарија и нивните провајдери на услуги за воздухопловна навигација, како и меѓу Франција и Европската организација за безбедност во авио навигацијата.
Новата, модернизирана технологија и модерен комуникациски софтвер, што е прилагодлив на барањата и потребите на Македонска навигација М-НАВ, може значително да ја зголеми безбедноста во аеросообраќајот и ќе овозможи сигурна и функционална контрола на воздушниот сообраќај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.