| четврток, 6 декември 2018 |

Летната сезона со многу нови летови

tav

Летната сезона носи нови летови од македонските аеродроми. Од 22 јуни ќе се воспостави врска меѓу охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ и Катовице. Со чартер летови почнува најголемиот полски тур-оператор „Рего-бис“, пишува Лидер.

-Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското езеро, благодарение на договорот кој го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори. Со добрата соработка која ја имаме со Министерството за транспорт и врски, општина Охрид и со сите државни авијациски и туристички институции, сигурни сме дека ќе продолжиме да го развиваме охридскиот аеродром и да придонесуваме за развојот на локалниот туризам – вели генералниот директор на „ТАВ Македонија“ Алпер Ерсој.

Исто така, летната сезона нови три нови дестинации од Скопје. Унгарската нискотарифна компанија „Виз ер“ од 14 и 16 јули почнува со летови од аеродромот „Александар Велики“ кон Малта, Рим (Чампино) и Ваксјо (Шведска).

 

Од 17 јуни почнува да функционира и новата авиолинија Скопје – Доха – Скопје. Со ова за македонските граѓани се отвора и Блискиот Исток. Оваа дестинација ќе ја оперира авиокомпанијата „Катар ервејс“.

Исто така, македонските воздухопловни власти разговараат и со „Туркиш ерлајнс“ за воведување директни летови кон САД и Канада. Се смета дека овие интерконтинентални летови ќе бидат од големо значење на нашинците од дијаспората.

-Воведувањето на еден ваков лет ќе овозможи и зголемување на бројот на патници кои ќе транзитираат низ домашните аеродроми, како и создавање од аеродромот „Александар Велики” еден водечки регионален центар, објаснуваат од Министерството за транспорт.

Моќната „Луфтханза“ влегува на македонскиот пазар. Тоа ќе го направи преку германската нискотарифна „Еуровингс“ (дел од групацијата „Луфтханза“). Оваа авиокомпанија од 31 октомври ќе воспостави линија меѓу Скопје и аеродромот „Франц Јозеф Штраус“ во Минхен, главниот аеродром во овој град. Ќе се лета двапати неделно, во вторник и во петок.

-Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со овој германски град, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на кодшер договорот меѓу „Луфтханза“ и компанијата ќерка „Еуровингс-  велат од „ТАВ Македонија“.

Германците, пак, најавуваат и нови инвестиции во нашата држава.

-Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации. Очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина-  вели директорот за развој на мрежата линии на „Еуровингс“, Иван Ореч.

„Еуровингс“ веќе оперира во повеќе од 40 држави, а е позната по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички дестинации. Оваа компанија е присутна и во соседството, односно во Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Турција.

Во летната сезона се очекува значитечно зголемување на бројот на патници на охридскиот аеродром. На „Свети Апостол Павле“ треба да пристигнат 2 илјади патници од Брисел со „Томас Кук“, 2.300 патници од Белград со „Ер Србија“, 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа“, како и 183 авиони од Амстердам преку „Корендон“ и „ТУИ“ со речиси 30 илјади холандски туристи.

-Во 2009 година на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ имавме 36 илјади патници за цела година. Оваа година во текот на летото на охридскиот аеродром ќе имаме 30 илјади патници само од Амстердам – вели Ерсој.

Од „ТАВ Македонија“ велат дека продолжуваат да бележат пораст на авиосообраќајот. Бројот на превезени патници е во плус од 8 отсто на годишно ниво. Најфрекфентна дестинација од скопскиот аеродром останува Истанбул со удел од 12,4 отсто во пазарот.

Годинава, со новите авиолинии, се очекува да се натфрли бројката од 2 милиони патници. Лани преку двата аеродрома беа превезени 1,8 милиони луѓе, што претставуваше раст од 15% на годишно ниво. Вкупно беа реализирани 16.883 летови.

Сликата во изминативе години е драматично променета. На пример, во 2005 од двата аеродрома биле превезени вкупно 579.913 патници (525.983 преку „Александар Велики“ и 53.930 преку „Св. Апостол Павле“.

Освен бројот на патници, значитечно е зголемен и бројот на дестинации, па сега граѓаните можат да патуваат до: Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Доха, Дортмунд, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Малта, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Ваксјо, Венеција, Виена, Загреб, Цирих.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top