| четврток, 6 декември 2018 |

Констатирана оставката на Вучиќ, Дачиќ технички премиер на Србија

dacic-vucic-senka-1

Собранието констатира дека Александар Вучиќ поднесе оставка на местото премиер поради преземањето нова функција, изјави претседателката на српското Собрание, Маја Гојковиќ, додавајќи дека со ова престанува и мандатот на актуелната српска влада, пренесуваат српските медиуми.

Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во техничка смисла ќе го замени досегашниот премиер до формирањето на новата влада. Кој ќе биде на функцијата премиер, сè уште не е познато, но е извесно дека ова ќе биде познато до 18 јуни, коментираат српските медиуми.

Откако ќе положи заклетва на премиерската функција, Вучиќ како претседател на Србија ќе има на располагање „законски“ рок од 30 дена за да предложи нов премиер, но како што веќе најави, тоа ќе го направи многу порано.

Што се однесува до имињата на потенцијалниот нов премиер, Вучиќ не се изјаснил, но прецизирал дека размислува за три имиња – едно од владејачката Српска напредна партија (СНС), потоа досегашниот вицепремиер Дачиќ, но и едно непартиско лице.

Доколку Собранието не избере нова влада во рок од 30 дена од констатацијата на оставката на премиерот, Вучиќ како претседател е должен да го распушти Собранието и да распише избори. До изборот на нов премиер и новата влада, актуелната влада ќе биде во технички состав.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top