| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски:Граѓаните не заслужуваат уште една постизборна измама покрај она што се случи со декларацијата од Тирана

милососки

Да ја читаше оваа програма Дедо Мраз пред Нова година ќе имаше помалку ветувања и помалку проекти кои се реално неостварливи, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски коментирајќи за програмата на идната влада.

-Проектите кога ќе ги кажете од оваа говорница и откако ќе ја прочитате програмата, станува јавна државна и голема обврска. Граѓаните не заслужуваат уште една постизборна измама покрај она што се случи со декларацијата во Тирана, вели пратеникот.

Според Милошоски, новата влада ќе се карактеризира со три одлики, селективна правда, купен меѓуетнички соживот со власта како цена и економија на кредит која ќе донесе зголемен процент на невработеноста.

-Сметам дека селективна правда со новата влада ќе имаме затоа што внатре има луѓе кои се аболицирани. Тие не се соочиле со правдата, туку го искористиле бенефитот од аболицијата. Има луѓе кои се корумпирани, тоа не го кажале луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, туку има изјави од функционери на СДСМ и на ДУИ како едни за други се натпреваруваат кој ќе каже за кого дека е повеќе корумпиран. Имаме обвинети, и кандидати за премиер кој во моментов е на судско рочиште за случајот „Поткуп“. Има шпекулации дека случаите „Сопот“, „Монструм“ и „Диво Насеље“ ќе добијат изнудени политичко судски предуси за да може и тој да ја добие пресудата што ја очекува, вели Милошоски.

Тој додава дека колку помалку остварени проекти од преголемите ветувања ќе има, толку повеќе ќе се засилувала желбата за реваншизам.

– Меѓуетничките теми не се базираат на платформа за повеќе вработувања на сите граѓани во Република Македонија, туку на платформа која после изброите некој ја потпишал, а друг ја прифатил како уцена за да се стигне до власт. Затоа сметам дека така купениот меѓуетнички соживоти купената за власт меѓуетничка доверба не е поставена за стабилни основи, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со економскиот дел, Милошоски истакна дека 2006-та година Владата наследила 38 проценти невработеност во Република Македонија, а денес имаме 23 проценти невработеност.

-Она што го слушаме и читаме во економскиот дел не дава голема надеж дека тенденцијата на опаѓање на невработеноста ќе продолжи. Од друга страна гледаме дека тој купен меѓуетнички соживот има свои хипокризии во самиот однос меѓу личностите кои се во владата. Имаме мандатар кој изјави дека поднел кривична пријава против Бујар Османи, поранешен министер за здравство за наводен криминален тендер од 28 милиони евра. Сега истиот мандатар ни го предлага истиот човек за министер во реформска влада. Треба да се расчити меѓу нив самите дали лажел Заев кога го обвинил Османи, или е лажна сегашната доверба за реформи. Имаме коалиционен партнер Зијадин Села кој на неколку прес-конференции обвини дека Рамиз Мерко проневерил илјадници евра од буџеткстата каса на општина Струга. Денес го имаме Мерко предложен и поддржан од Села како човек за кој треба да веруваме дека ќе донесе реформи во новата влада. Овие работи не се мали фалинки, ова се сериозни обвиненија и се луѓе кои утре ќе имаат сериозна одговорност во извршната власт, посочува Милошоски.

Според него оваа влада ќе има одлика и на слаби економски резултати.

-Ветува зголемување на минималната плата на 12 и 16.000 денари, а знае дека хартијата може да трпи се, но реалната економија е таа која ги зголемува платите. Зголемувањето на вработувањата е тоа што ги зголемува платите. Оваа влада одбегна поголема дискусија и повеќе време за разгледување на предлог проектите и програмата и листата на кандидати за министри за да сокрие дека една од тенденциите на владата е зголемување на персоналниот данок на доход и зголемување на придонесите за здравствено и пензиско осигурување што ќе значи општо оптоварување на буџетот на многу фирми кои треба да бидат главните чинители за зголемен стопански раст и со самото тоа за поголем број на вработувања, нагласи Милошоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top