Роден на 17 јануари 1966 година во Штип
Образование: Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје
Професија: Политичар и бизнисмен
Пребарувајќи по интернет, за Љубчо Георгиевски ќе сфатите дека за него постои само една константа и таа нема врска со војводската титула заработена во дамните деведесетти. Него го интересираат парите, бизнисот ако употребиме еуфемизам, а за другото ќе се договориме – час е десно час лево.
Првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, првиот потпретседател во независна Македонија, поранешен премиер е многу расположен човек и им стои на располагање на оние кои се на власт. Кога изгледа дека ќе дојдат на власт, исто така, им стои на располагање. Нему можете илјадапати да му се налутите и да му се скарате, да ги исфрлите од дома како партал, но тој со сето големо срце, и велика душа, повторно ќе ви се врати. Како партнер. Како верен коалициски другар. Како што синтагмата политичар-бизнисмен е составена од „политичар“ и „бизнисмен“, така и настапува личноста Љубчо Гергиевски – од позиција на политичар, поранешен, но и контроверзен, се појавува кога ќе затреба, како бодеж, да подбоцне, да пушти вода на воденица, да скокотне, а потоа се повлекува во бизнисменскиот спокој и ги бере плодовите од своето прво јас. Час лев, час десен, малку политичар, главно бизнисмен.
Неделава Љубчо беше сеприсутен, најпрво како бизнисмен испровоциран од сличен на себе. За гуша се фатија Љубчо Георгиевски и Петар Гошев. Обвинувања за криминал, навреди и прашања си упатија еден на друг за времето кога биле на власт и функција. Георгиевски го обвини Гошев дека ја банкротирал Македонска банка, Гошев, пак, го потпраша како се збогатил до „средно богат“ .
„Петар Гошев очигледно има црна дупка во меморијата, штом не се сеќава на петте години во кои како гувернер му служеше на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, а притоа многу успешно ги бранеше нивните политики. Во тој контекст секако треба да и објасни на јавноста како заеднички и во договор со ВМРО-ДПМНЕ ја банкротираа Македонска банка. Тоа е единствената банка којашто не е ликвидирана од финансиски причини, туку по волја на гувернерот.“
„Драг наш шегобиец Љубчо! „Благовестие“ на твојата почитувана сопруга не рекетираше туку, ненадејно, фирмите самите почнаа доброволно да ѝ префрлаат пари. Од чист хуманизам. Торбите со кеш, што секој ден ги прибираше твојот директор на Царинарницата на Македонија (осуден во отсуство, скриен со години кај соседите), „доброволно“ му ги полнеа транспортните организации и тој „дневен пазар“, или дневен „доброволен прилог“ (од увозниците и од извозниците) „самариќански“ им го подарувавте на сиромашните (или пак, си го делевте меѓу себе?); и никој не зеде мито во милионски износи од продажбата на „Окта“, на „Телеком“ и на други компании“, пишува Гошев.
Ете така тече разговор меѓу двајца бивши кои изгледа имаат многу што да си кажат, но и да покажат.
Од друга страна, политичарот Георгиевски, оној актуелниот, не од бившото време, сакал да влезе во владата на човекот кој му се закануваше дека ќе го „гаѓа“ со бомби. Оној кој сите со слечени гаќи ги држи в раце – бомбашот Зоки.
„Јас сум 90% убеден, еве оставам 10%, дека оној дел во кој се министри и функционери на ВМРО е снимано од СДСМ. Цело време викам УДБА за да го заштитам СДСМ. Еве ви кажувам СДСМ снима, што сакате друго да ви кажам“, изјави лидерот на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски во интервју за ТВ 24 вести пред 2 години.
„Ако дозволите, во периодот што претстои на јавноста ќе и стане јасно зошто господинот Љубчо Георгиевски калкулира во матно во овој период обидувајќи се да ги изедначи двете страни. Ако е опозиционер ќе излезе јасно и гласно ќе застане против тоа. Ако е нешто друго, најверојатно го прави тоа што го прави. Вистината за Македонија, реков, нема да поштеди никого, знаејќи го тоа тој, најверојатно се обидува да си купи некое приврзаништво со Груевски, но и со сите други“, рече Заев, кој иако е во иста бранша со Георгиевски, во бизнисот, не сфаќа дека погрешно е работите да се гледаат црно-бело. И онака најчесто се матно-поматно.
Оттогаш навака многупати се сакаа и отсакуваа, а денеска, кога Заев е на прагот да основа своја влада, кудениот Љубчо е прв да му понуди кадри. Добро, можеби втор, тука е и Братот Љубе, дарежлив на кадри.
По формирањето на владата со албанските парламентарни партии Зоран Заев ќе започне преговори и со опозициски вонпарламентарни политички партии и коалиции, со цел да бидат вклучени на одредени нивоа во извршната власт. Секако, врти-сучи, ќе се сведе на пари, а кај што се парите, таму е и бизнисот, а каде што е бизнисот, таму е и Љубчо. Опозициската тројка на дугме, војводата, братот и генералот кои на последните парламентарни избори не освоија ниту еден пратеник, водат интензивно директни шуш-буш средби и конкретни преговори за да бидат вклучени во власта. Преговараат да бидат вклучени во пониските ешалони – фотелјичка овде, фотелјичка онде.
И така, кога ќе се сврти тркалото, час со едните, час со другите, повторно сѐ ќе се сведе на парите, а каде што се парите, таму се и бизнисмените. Каде што се бизнисмените, таму е и војводата.
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 248 број на неделникот „Република“, 2 јуни 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Георгиевски: Името Македонија повеќе ја загрозува Бугарија отколку било која географска додавка
-
Бугарите го нападнаа Љубчо: Не барај „војводо“ прошка од Грците за она што им го даде додека беше на власт
-
Љубчо Георгиевски со остра реакција кон Стојан Андов: Името ВМРО го ставивме поради таквите како тебе!
-
Љубчо Георгиевски за случајот „Смилковско езеро“: СДСМ повторно се има фатено во оро со ѓаволот