Извршителите ќе ставаат клуч на извршителските канцеларии бидејќи со примената на новиот закон од почетокот на годинава работата им се намалила безмалку сто отсто, пишува „Дневник“. Откако се воведе обврската со новиот Закон за извршувањето доверителите авансно да ги плаќаат услугите на извршителот, на големите компании што нудат услуги на граѓаните веќе не им се исплати да доставуваат барања за извршување мали долгови, а тие фактички претходно беа и најобемни во извршителските канцеларии.
Со новините треба да се надминат проблемите со доставата на решенијата до граѓаните, кои често не ни знаеја зошто беа со блокирани сметки, како и да се избегнат голем дел од трошоците, како тие за адвокат, нотар, блокада, деблокада на сметка, кои извршните постапки ги правеа многу скапи. Практиката во изминатите години покажа дека за долг од 1.000 денари сметките на граѓаните често беа попразни повеќе од 10.000 или 15.000 денари поради трошоците што мораа да ги платат.
Авансот ги кочи доверителите
– Од Нова година, откако почна да се применува новиот Закон за извршувањето, сведоци сме на големо намалување на прием на нови барања за присилно извршување. Во мојата канцеларија намалувањето на нови предмети е 95 отсто. Во изминатите 6-7 години примав просечно месечно по 400-500 предмети. Оваа година, од Нова година досега, имам примено 220 предмети. Имам сознанија дека кај сите извршители е слична ситуацијата, вели за „Дневник“ извршителот Гордан Станковиќ.
Според него, причината за намалувањето е воведувањето на обврската на доверителите да ги плаќаат услугите на извршителите.
– До Нова година, во стариот закон, извршителот можеше да преземе дејство на извршување и без притоа да наплати аванс. Сега со новиот закон тоа е забрането. Во такви околности доверителите почнаа да не поднесуваат предмети. Што чекаат и какви им се плановите, никој не знае. Можеби нешто калкулираат со постапката пред Уставен суд каде што се оспорени некои одредби од нашиот закон. Не знам точно. Во секој случај таквото влечкање на предметите не им оди во прилог на доверителите бидејќи кога пред Нова година ќе почне да им застаруваат, ќе мора да ги дадат на извршување, а тогаш во нашите канцеларии ќе се создаде голема навалица од предмети по кои ние ќе треба да постапуваме. Значи, работата за цела година, наместо да ја работиме 12 месеци, сега ќе треба да се изработи за еден-два месеца. Но, тоа е нивна одлука, вели Станковиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.