Културно Уметнички Работници, ќе бидат дел од второто издание на Фестивалот за музички документарен филм „Dok’N’Ritam“, кој од 1 до 4 јули ќе се одржи во Домот на Култура „Студентски Град“ во Белград…
На 3 јуни, со почеток во 19.30 часот, во официјалната натпреварувачка програма на фестивалот ќе биде прикажан документарниот филм „Денот да е радосен“, во режија на Љубица Поповска и во продукција на Авард Филм и Видео, а по проекцијата, со почеток од 22.00 часот, ќе следи и концерт на Културно Уметнички Работници.
„Денот да е радосен“ е документарен филм во кој што се проследува петанесет годишната кариера на скопскиот бенд Културно Уметнички Работници. Во филмот покрај сегашните и поранешните членови и соработници на бендот се појавуваат и најзначајните личности (музичари, новинари, љубители на музиката) од македонската музичка сцена, а филмот изобилува и со голем број на архивски материјали од концерти, клубски настапи, проби, гезмиња, дружења и слично.
До сега филмот, кој својата премиера ја имаше на Фестивалот „Синедејс“ во Скопје, со успех е прикажан на повеќе фестивали низ регионот, меѓу кои се: Фестивалот „ДОРФ“ во Винковци и Осијек, Фестивалите „Браќа Манаки“ во Битола и „Скопје Синема Сити“ во Скопје, „Балкан Филм енд Фуд Фестивал“ во Поградец, “докуМфест“ во Зеница и „ФерФилм Фестивал“ во Урошевац.
Покрај филмот „Денот да е радосен“, на фестивалот „Dok’N”Ritam“, ќе бидат прикажани поголем број на документарни остварувања кои се занимаваат со различни музички жанрови и автори. Оваа година натпреварувачкиот дел од програмата е поделен на меѓународна и национална селекција.
Во ревијалниот дел, публиката на отворањето на фестивалот, премиерно во регионот ќе има можност да го погледне филмот кој оваа година беше прикажан на Sundance и Hot Docs во Торонто „Rumble: The Indians Who Rocked the World“, а регионална премиера ќе има и филмот „Eat That Question: Frank Zappa in His Own Words“.
Во рамките на натпреварувачкиот програм, ќе бидат прикажани филмовите „No smoking in Sarajevo“, „Soul train“, „Panta dospeo na kazan”, „Zašto je Dragan napravio orkestar“, како и филмови кои говорат за поп и рок сцената од 70тите години во регионот, за групите Lutajuća srca од Ниш и групата Buldožer и нивниот LP „Pljuni istini u oči“.
Новитет во програмата е секцијата Work in progress, во која ќе бидат претставени музички документарни филмови кои се во фаза на развој, продукција или постпродукција.
Жирито на фестивалот го сочинуваат Тони Шариќ, директор на Фестивалот за документарен рок филм „ДОРФ“ од Хрватска, популарниот музичар Рамбо Амадеус и режисерот Младен Ѓорѓевиќ, еден од селекторите на ФЕСТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.