| четврток, 6 декември 2018 |

Фото: Што ќе купи МВР – цитроен, пежо, шкода или шевролет?

Четири понуди пристигнале на објавениот тендер на Министерството за внатрешни работи за набавка на 100 моторни возила во полициска изведба, кои комисијата задолжена за јавната набавка ги отвори денеска, на последниот ден на рокот.

citroen_c1

Четирите фирми се од Скопје – „Автонова“ понудила возило „ситроен Ц1Икс“, „Еуроимпекс“ со понуда на возило марка „пежо 107 акцес“, „Порше Македонија“ со „шкода сити гоу“ и „Автомакедонија“ со возило „шевролет спарк“. Првичната понудена вкупна цена на возилата се движи од 47 милиони денари до 65 милиони и 800.000 денари.

Peugeot-107

– По отворањето на понудите, Министерството за внатрешни работи ќе отпочне со евалуација на пристигнатите понуди и ќе се работи на утврдување дали тие ги задоволуваат сите претходни услови пропишани со јавната набавка. Компаниите што ги задоволуваат тие услови ќе бидат известени за терминот за одржување на електронската аукција, на која ќе се наддаваат. Основен услов за добивање на тендерот ќе биде најниската понудена цена на јавната аукција, изјави портпаролот на МВР Иво Котески.

chevrolet-spark
Тој појасни дека првично понудените цени не се однесуваат само на цената на возилото, туку и на останатите елементи кои Министерството ги предвиде со тендерот, како четири резервни гуми, полициска изведба со звучна и светлосна сигнализација, гарантен период, односно сервис во рок од три години додека трае договорот и додека целосно не бидат исплатени возилата.

Skoda-Citigo

Минатата година МВР по пат на јавен тендер набави 150 возила „шкода јети“. Возилата за кои сега е објавен тендер не беа набавени тогаш зашто, рече Котески,  се работи за различна спецификација и зашто согласно со потребите што ги имало МВР, со тогашниот тендер биле набавувани возила со погон на сите четири тркала.

На новинарско прашање во врска со проблемот што настана на минатиот тендер за набавка на возила, кој беше прекинуван, Котески одговори дека недоразбирањата се надминати и дека возилата веќе му се испорачани на МВР и се во употреба. – Се уште се работи на расчистување на случајот, одговори  Котески на прашањето дали е откриено кој го хакирал системот, како што обвинија дел од учесниците на тогашниот тендер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top