| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската литература претставена на Фестивал на словенските култури во Москва

На 27 мај во Москва во просториите на Серуската државна библиотека за странска литература се отвори Фестивалот на словенските култури во рамките на Деновите на словенската писменост кои нашироко се одбележуваат низ целата Русија. Програмата на Фестивалот е многу богата – литературни настани, театарски претстави, одржување часови по словенски јазици, прикажување словенски цртани филмови, промоција на туристичките капацитети, готвење на ќебабчиња и други словенски и балкански специјалитети, плетење венци од свежо цвеќе, рачно ткаење килими, пеење и играње во дворот на библиотека…

IMG_9599

Македонија даде свој придонес во Фестивалот. Пред се, се работи за промоцијата на поетската книга «Пејач во култата» од Влада Урошевиќ која беше објавена од Центарот за книга Рудомино сосема неодамна. Настанот го водеше раководителот на литературно-издавачкиот одел на Библиотеката Jуриј Фридштејн кој истакна дека книгата е вистински подарок за руските читатели. Песните вклучени во неа се од еден извонреден поет, мајсторски препеани и, несомненно, ќе им дадат на руските љубители на поезијата вистинско задоволство.

Олга Панкина која го состави зборникот и ги препее песните рече дека работеше на препевот повеќе од две години, им објасни на присутните што посебно ја привлече во поезијата на Влада Урошевиќ. Литературниот критичар Андреј Базилевски, поет и преведувач, кој е автор на предговорот за книгата, ја изнесе своја визија на поетскиот свет на Влада Урошевиќ и резимираше дека на читателите им е дадена ретка можност да запознаат уште еден голем словенски поет, да почувствуваат и да ги сфатат неговите песни. На средбата беа прочитани неколку песни од новиот сборник. Книгата веднаш презизвика голем интерес на публиката. Книгите ги потпишуваше преведувачката Олга Панкина, најавувајќи им на присутните дека во октомври планира да организира уште едно големо претставување на книгата на кое, се очекува, ќе присуствува и авторот.

До «Пејач во кулата» на Влада Урошевиќ во книжарницата на Рудомино беа изложени романите: «Вежби за ибн Пајко» од Оливера Николова, «Храпешко» од Ермис Лафазановски, «Водена пирамида» од Луан Старова, «Дваесет и првиот» од Томислав Османли, «Азбука за непослушните» од Венко Андоновски. Сите нив ги објави Издавачкиот центар Рудомино.

IMG_9625

Втор настан на Фестивалот што собра многу публика беше онлајн читањето на «Азбука на непослушните» од Венко Андоновски. Во романот работите се одвиват во 9-от век, токму за време на создавањето на словенската азбука. 30 луѓе, разни по занимање и возраст, читаа извадоци од романот. Го започна Олга Панкина која го преведе романот. «Со глас на Андоновски, но со туѓа уста» таа на руските читатели им ја пренесе историјата раскажана од писателот. Слушателите буквално беа восхитени од романот и потврдија дека Андоновски на руски звучи многу убедливо. Им се појави желба да го прочитаат романот во целост, како и романот «Папокот на светот» објавен на руски од издавачка куќа «Азбука» пред 6 години.

Голем интерес на публиката предизвика и изложбата «Душа на Македонија» на московскиот сликар Александар Белугин кој преку сликарството ги изнесе своите впечатоци од неговите престои на ликовните колонии во Македонија. Изработени со светли и чисти бои сликите навистина се јавија како одраз на македонската душа, светла и чиста, рече Олга Панкина, отварајќи ја изложбата во својство на претседател на РО Македонски културен центар кој веќе седум години успешно ги промовира македонски културни вредности во Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top