Во избрано друштво со дел од најталентираните балкански автори, издавачи од земјава и од странство и љубители на пишаниот збор, синоќа во исполнетиот Даут-пашин амам во Скопје беше отворено петтото то издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“.
Како што вчеравечер истакна и уметничкиот директор Александар Прокопиев – „Писателите кои прво ги запознаваме преку нивните преводи на македонски јазик, преку гостувањето на фестивалот имаме можност да ги запознаеме и лично“, така публиката имаше можност одблиску да се запознае со шестмина врвни балкански писатели. Беа претставени авторите: Миљенко Јерговиќ од Хрватска, Наташа Крамбергер од Словенија, Мурат Ѓулсој од Турција, Владимир Пиштало од Србија, Антон Баев од Бугарија (кој престојува во Скопје во рамки на книжевната резиденцијална програма „Апсолутно модерен“), македонскиот писател Влада Урошевиќ и специјалниот гостин на фестивалот – исландскиот писател Браги Олафсон.
Модератор на промоцијата беше Ана Јовковска, а за делата на нашите гости зборуваа и Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ и писателот Владимир Јанковски.
Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски. Тој алудирајќи на колумна на Јерговиќ во која тој прашува „А која тоа војна на Балканот сме успеале да ја одложиме или одбегнеме?“, рече:
-Има два можни одговори: никоја и никоја и веројатно никоја. За жал, не е ни важно. Но, затоа е важно што годинава на фестивалот имаме одред којшто пука со одмерени и силни зборови – рече Трајкоски.
Прокопиев додаде дека изминативе пет години на фестивалот гостуваа 30 врвни балкански автори и што е уште поважно дека сите беа преведени на македонски јазик.
-Има едно тврдење дека музиката е најуниверзална уметност. Но, би прашал дали познаваме толку добри балкански автори наспроти балканските композитори. Тука сум сигурен дека македонската публика многу подобро ги познава балканските писатели од балканските современи композитори. Да живее литературата! – рече тој.
Тој зборуваше и за делото на Јеговиќ, кој е добитник на наградата „Прозарт“, што ја доделува фестивалот. Прокопиев истакна дека тој е еден од најмоќните прозни писатели на балканскиот регион, а неговата бескрајна креативност и енергија се граничи со натчовечкото и додаде дека она што го прави навистина неверојатен автор е неговата емпатија кон сите негови ликови.
-Работам само две работи во животот. Првата е да читам и таа е основната работа која би сакал да ја работам. Би сакал да живеам од читање, но бидејќи тоа е економски неисплатливо морам и да пишувам. Јас сум читател под а, писател под б и не сум ништо трето – одговори Јерговиќ.
Тој се осврна на емпатијата и рече дека лесно е да имаме разбирање за добрите луѓе, оние кои чинат добро, но она што од секогаш ни недостасувале е да имаме разбирање за злосторниците и да сфатиме дека и тие се дел од нас.
Одговарајќи на прашањето како се однесува кон својот сопствен јазик, Јерговиќ одговори: -„Во Македонија многу добро знаете дека прашањето за јазикот на вашите западни соседи е доста комплексно. Она што е специфично за Србите, Хрватите, Босанците, Црногорците е тоа што зборуваат на еден јазик, но поради националистички причини сите се на нож и крв да докажат дека тоа е различен јазик. Јас сум писател и мене ми треба еден јазик и го третирам во неговата целина. Не го правам тоа поради политичка програма бидејќи ја немам, не го правам тоа ниту поради поетичка програма, туку затоа што ми е потребен до последен збор и последна цртичка. Редуцирањето на јазикот, всушност, ја уништува културата на тие народи“.
Јанковски го претстави академик Влада Урошевиќ, авторот за кој рече дека во овие шест децении творештво создава тотална книжевност бидејќи се има испробано во сите книжевни жанрови. Зборувајќи за сопствената литература, Урошевиќ ќе каже дека неговата авторска тријада може да се дефинира преку три синтагми – слобода на имагинацијата, верување во чудото и правото на игра.
-Ако треба нешто да додадам кон оваа тријада тоа би било противставувањето. Незадоволството е еден значаен творечки поттик. Овде свечено изјавувам дека не пишувам за да го променам овој свет, но како што веруваат и таоистите, сметам дека ако секој од нас ја извршува тука на земјата својата функција на најдобар можен начин и овој свет и сферите на небеската хармонија можеби ќе бидат сочувани – истакна Урошевиќ.
На темата игра зборуваа Прокопиев и Пиштало. Гостинот од Србија и е добро познат на македонската публика.
-Без игра нема создавање. Во мојот нов роман го претставувам дури и Иво Андриќ како човек што си игра. Секогаш почнувате од детали кога пишувате, а апстрактното излегува после. Морате да напишете многу, да бришете многу додека не го искалите текстот,бидејќи и текстот не сака сам да ги задржите непотребните реченици. Човекот може да биде што било, а да не престане да биде свој – истакна Пиштало.
Лафазановски го претстави бугарскиот писател Антон Баев за кој рече дека неговото творештво е ѕвезда којашто доаѓа бидејќи во неговите дела е сублимирано најдоброто од европскиот сатиричен роман. Се осврна на неговиот роман „Спас Господов“, трагикомедија за бугарскиот постмодернизам, како продолжена рака на „Итар Пејо“. Тој е скоро еден месец во Скопје во рамки на книжевната резиденцијална програма „Апсолутно модерен“.
-Имав можност да ја обиколам Македонија што ми беше особено важно за еден роман во работна верзија, а е поврзан историски. Во време на криза ние Балканците преживуваме многу трауми и можеби иронијата е единствениот начин да излеземе на крај со траумите – рече Баев.
Единствената дама меѓу авторите годинава е Наташа Крамбергер од Словенија. Нејзиниот прв роман „Небо од капини“, добитник на Европската награда за литература беше објавен на македонски јазик пред три години. Таа живее во Берлин и моментално го пишува новиот роман. Неа ја претстави Прокопиев поставувајќи и го прашањето дали во пишувањето има повеќе европско влијание или балканско.
– Позицијата на странец не ми се подобрува според тоа колку подолго живеам таму. Во Словенија долго се обидувавме да докажеме дека не сме дел од Балканот, но како што поминува времето сѐ повеќе сакам да сум дел од Балканот. Сфаќам колку повеќе ми недостасува тој начин на живот оти во западниот свет сѐ се става во кутија, се става под стереотипи. Прашањето на идентитетот никогаш не ми било поважно од денес – рече таа.
Јанковски го претстави турскиот писател Мурат Ѓулсој, којшто е професор по биомеханика. За односот со неговото творештво, Ѓулсој рече:
-Вратата низ која влегов во литературата беше прашањето „Што е вистина и како да стигнеме до неа?“. Одговорот го најдов во науката која не` носи до објективната реалност. Но, ја имаме и субјективната реалност, односно нашите индивидуални искуства. За ова прашање бараме одговори во уметноста.
Исландскиот писател Браги Олафсон е во друштвото на гостите, кој во трите дена дури трае фестивалот ќе ги промовира своите две дела преведени на македонски јазик. Долгогодишниот басист на групата „Шугарјубс“ го претстави Лафазановски.
-Откако претстанав да свирам во 1992 година се обидувам да се ослободам од музичкото минато. Почнав да пишувам пред да станам музичар и всушност групата ја основавме да собереме пари за издавање книги – рече Олафсон.
Зборувајќи за Исланд и литературата, истакна:
-Во поглед на литературата повеќе влечеме кон Европа, но како потрошувачи сме американизирани. Лично имам поголемо влијание од источноевропската и руската литература отколку од американската и себеси се сметам за европски писател.
Од денеска почнува и 4-та програмата „Скопје фелоушип“ во која гости се тројца познати издавачи – Емануел Колас од Франција, Ненад Шапоња од Србија и Тамер Саид од Дубаи. Тие ќе имаат средби со писатели од Македонија и со членови на Македонската асоцијација на издавачи.
Денеска се одржа и трибина во ЕУ инфо центарот на тема „Визибилноста на писателите од Балканот“, а вечерва од 18:30 часот ќе ги потпишуваат свои книги во книжарницата „Икона“ во „Сити мол“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.