| четврток, 6 декември 2018 |

Кире Лазаров: Најважно е што ќе има двајца Македонци во финалето

lazarov-2

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, вчера го одигра последниот натпревар за Барселона во домашното првенство, а на завршниот турнир од Лигата на шампионите, кој и оваа година ќе се одржи во Келн, ќе проба со титула од оваа натпреварување да си замине од големиот ракометен гигант.

Во пресрет на овој „фајнал-фор“ Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет страница објави интервју со нашиот ракометар во кое Лазаров зборува за своите успеси со Барселона, а беше приморан да одговори на неколку провокативни прашања.

– Со овој тим го освоив пехарот во 2015 година, а наредниот викенд ќе го играм петтиот завршен турнир. Да се биде дел од тој настан навистина е посебен момент за секој ракометар. Она што е чудно во последните неколку години е тоа што фаворитот никогаш не го освојуваше трофејот. Можеби една од причините е тоа што треба да одиграш два перфекти натпревари за само 24 часа. Во Келн ќе дадам сè од себе за овој тим, бидејќи навивачите го очекуваат тоа од мене, вели Лазаров.

Во продолжение Лазаров беше запрашан за полуфиналниот меч против Вардар и за случајот што двата тима во своите редови имаат по двајца Македонци. Во Барса покрај Кире настапува и Борко Ристовски, додека дресот на Вардар го носат Стојанче Стоилов и Петар Ангелов.

– Вардар има одлична сезона, а ова прашање мислам дека повеќе е политичко отколку спортско. Не сакам да се мешам, ниту пак да коментирам. Она што е најважно е дека во финалето ќе има двајца Македонци. Ако го победиме Вардар очекувам поддршка од македонските фанови кои ќе допатуваат во Келн за да го бодрат македонскиот шампион, заврши Лазаров.

Завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони е закажан за на 3 и 4 јуни, а првото полуфинале меѓу Вардар и Барселона ќе се одигра на 3 јуни со почеток од 18.00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top