Амбасадата на Шведска во Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија ќе го прикаже шведскиот документарен филм ”Фини луѓе”. Прикажувањето на филмот ќе биде во четврток, 25 ти и сабота, 27ти мај во 20:00 часот во Кинотеката.
Филмот ја раскажува приказната на група млади луѓе кои бегаат од војната во Сомалија и се населуваат во Борланге, мал град северно од Стокхолм, каде процесот на интеграција оди тешко. Локалниот претприемач Патрик Андерсон добива идеја да го користи спортот како мост кој ќе ги доближи луѓето едни кон други. Сака да го создаде првиот сомалиски национален тим во банди (спорт кој е сличен на хокеј, но наместо пак користи топче) и да го подготви за учество на Светското првенство во Сибир, иако членовите на тимот никогаш претходно не лизгале.
Изгледа како невозможна задача, но Андерсон е убеден дека на ваков начин ќе им помогне на овие млади луѓе да станат дел од Борланге. На неговиот пат до првенството, покрај сите неуспеси и тешкотии со кои се соочува, тимот станува медиумска сензација поради нескротливиот дух и ентузијазмот. Во приказната можат да се насетат сличности со сензацијата која ја предизвикува јамајканскиот боб тим на Зимските олимписки игри во 1988 во Калгари.
Всушност, ова е приказна за расизам, страв и предрасуди, но и за храброста да се направи нешто за прв пат, како и за значењето на културата, спортот и истрајноста во надминувањето на бариерите и сплотувањето на заедницата.
Филмот е добитник на награда од публиката на Интернационалниот фестивал на документарни филмови во Будимпешта и Филмскиот фестивал во Хамбург.
Режија : Карин аф Клинтберг, Андерс Хелгесон
Сценарио: Филип Хамар, Фредрик Викингсон, Карин аф Клинтберг, Андерс Хелгесон
Време на траење: 90 минути
Година на објавување: 2015
Превод: македонски и англиски
Влез слободен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.