Автопатот Скопје-Штип во должина од 47 километри, инвестиција вредна 206 милиони евра со кој патувањето на оваа делница ќе се сведе на само 35 минути, треба да биде пуштен во употреба за шест месеци, односно до крајот на годинава.
Увид на градежните работи на автопатот денеска изврши лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој од министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски беше информиран дека трасата е стопроцентно пробиена. Досега е завршени 64 проценти од физичките работи, а целосно се асфалтирани 50 проценти од автопатот.
Како што посочи Мисајловски, автопатот ќе биде готов предвреме од првично планираниот датум, мај 2018 година, а тоа, наведе, се должи на интензивирање на работата на терен.
– Ова ни беше ветување во програмата, автопатот се гради веќе две-три години, од 2014 година. Со неговото завршување патувањето од Скопје до Штип и од Штип до Скопје ќе трае 35 до 40 минути – рече Груевски.
Градоначалникот на Свети Николе Зоран Тасев истакна дека изградбата на овој автопат претставува историски гледано најважен проект за општината, кој ќе придонесе за нејзин економски развој, заживување на трговијата и за отворање нови работни места.
– Со оваа делница Свети Николе ќе добие сосема ново значење на територијата на Република Македонија.Ова е најзначајниот проект за нашата општина од ослободувањето – рече Тасев.
Според градоначалникот на Штип Илчо Захариев од изградбата на овој пат ќе добијат не само Штип, туку и сите општини од источна Македонија, Берово, Делчево…
– Изградбата на автопатот го очекуваат сите граѓани на источна Македонија Тоа се првите километри автопат за источна Македонија. Мислам дека беше храбра одлуката да се гради оваа делница и верувам дека тоа граѓаните ќе знаат да го паметат. Чекавме долги години за да добиеме беспрекорна сообраќајница, која е многу значајна и од безбедносен аспект затоа што делот Кадрифаково – Велес беше црна точка на нашите патишта. Многу брзо ќе се стигнува до Скопје, но многу е значајно што ќе се патува и евтино, а сите оние општини што се наоѓаат на должината на овој автопат ќе добијат и економски развој. Ние рековме дека сите патишта ќе водат во Штип, а овие четири години тоа и се случува – рече Захариев.
Тој додаде дека во општината Штип е забележан тренд на зголемување на населението и на бројот на ученици, а тоа, според него, се должи и на изградбата на автопатот, како и на голем број инфраструктурни проекти, како што се гасификацијата, индустриската зона, новата клиничка болница и електроенергетските објекти што се направија за поврзување со Бугарија и Грција. – Сите овие проекти на источна Македонија ќе ѝ дадат многу значајно место, додаде Захариев.
За пратениците Трајче Димков и Никола Мицевски реализацијата на автопатската делница Скопје-Штип е резултат на проекти за кои гласаа во Парламентот, а нивното реализирање заедно со експресниот пат Штип-Кочани, кој веќе се гради, и патот Штип-Радовиш, кој наскоро треба да почне да се гради значи и поврзување на југоисточна и источна Македонија со централна Македонија, намалување на времето на транспорт на стока и на услуги, кои граѓаните со нетрпение ги очекуваат.
Инаку, како што посочи Груевски, патот Штип – Радовиш, кој е дел од владините проекти, треба да започне да се гради за еден и пол месец, за што се обезбедени средства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.