Материјална штета од околу 70 илјади денари се последиците од две сообраќајни несреќи со кучиња-скитници што вчера вечер во временски период од половина час се случиле на две различни места на автопатот Скопје – Тетово – Гостивар што минува низ Тетовско, информираше Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Првиот случај бил на автопатот Тетово – Скопје на нецел километар до наплатната станица „Желино“ околу 21 часот и 30 минути. Тогаш товарно возило „фијат“ со гостиварски таблички што го управувал гостиварецот М.П.(51) удрило и усмртило куче-скитник, кое поради необезбедениот автопат неконтролирано се движело по коловозот. Од удирањето во животното нема повредени во возилото, а причинетата материјална штета првично се проценува на 20 илјади денари.
Половина час подоцна, но на автопатот Тетово – Гостивар во близина на клучката за Камњане, патничко возило „пасат“, со гостиварски таблички, управувано од гостиварецот Ј.А.(52), исто така, удрило и усмртило куче-скитник. Возачот и сопатничката во возилото поминале без повреди, а според првичната процена причинетата материјална штета изнесува 50 илјади денари.
Поради зачестените сообраќајни несреќи предизвикани од животни, претежно кучиња, особено на автопатот Гостивар – Тетово – Скопје, СВР Тетово уште еднаш апелира до возачите да бидат крајно внимателни во вечерните часови, но и воопшто.
Покрај тоа, до надлежните за одржување на автопатот се апелира да ги преземат сите неопходни мерки за негово квалитетно обезбедување со што ќе се спречи и оневоможи неконтролирано влегување и движење на животните и загрозување на вкупната сообраќајна безбедност на сите учесници, рече Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.