Македонското здружение на филмски продуценти МЗФП е примено како полноправен член во Меѓународната федерација на асоцијации на филмски продуценти ФИАПФ на Генералното собрание на организацијата што се одржа на 20 мај во Кан.
Оваа многу моќна организација во која членуваат над 38 продуцентски организации од повеќе од 30 земји на пет континенти, меѓу кои се и сите големи кинематографии како Франција, Германија, Кина…, е главниот регулатор на правата и интересите на продуцентите во светот.
„Многу сме среќни дека Македонија стана дел од нашето семејство и членовите на Вашата асоцијација ги исполнија критериумите кои се неопходни за да се биде член на ФИАПФ. Сигурни сме дека во иднина заедно со вас ќе работиме за унапредување на филмската дејност во вашиот регион и дека вие можете да бидете од голема помош на многу процеси и реализација на заеднички проекти и интереси“ – истакна извршниот директор на ФИАПФ, Адриен Беноа на Генералното собрание во Кан.
Членството на Македонија во ФИАПФ, продуцентската Федерација со најголем буџет меѓу продуцентските здруженија во светот, беше едногласно одобрено од страна на сите членови.
ФИАПФ се јавува како мост помеѓу националните интереси на своите членки и меѓународните институции, како координатор на сите значајни закони кои се носат на интернационално ниво, а се поврзани со правата и интересите на продуцентите на локално и интернационално ниво.
ФИАПФ е главната организација која е инволвирана во сите важни прашања кои се однесуваат на регулирањето на колективните права на продуцентите, како и организација која одлучува за категоризација на сите фестивали во светот.
Во македонската продуцентска организација засега членуваат 15 членови, кои ги задоволуваат строгите критериуми за прием на ФИАПФ. Од сите земји на Југоисточна Европа, засега членство успеале да добијат само Турција, Хрватска и Македонија. Претседател на Асоцијацијата на македонски продуценти е Огнен Антов.
„Ова е многу значаен ден за Македонија“ – истакна директорката на Агенција на филм на Македонија, Мими Ѓоргоска – Илиевска.
Таа додава дека сите треба да се гордееме со фактот дека една од најзначајните организации во светот поврзани со филм ја прими Македонија во своите редови.
„Ова многу ќе допринесе за демократизација на процесите во филмот во Република Македонија и ќе овозможи поактивно решавање на проблемите со кои секојдневно се соочуваме во филмот во нашата земја. Македонија во последните години со огромни чекори се приближува до европските и светски стандарди и ова е само верификација на фактот дека кај нас се работи сериозно и дека едни од најважните членови на филмското семејство, продуцентите се примени во најелитната лига во својата фела во светот“.
Оваа година во Кан освен Здружението на продуценти, прием во светската организација на дистрибутери ФИАД, обезбеди уште една асоцијација – Асоцијацијата на филмски дистрибутери на Македонија.
„Ова е причина сите ние кои учествуваме во реализацијата на филмските проекти да сме горди, но и со сите асоцијации и поединци кои работат на развојот на филмот во Македонија, да обезбедиме подобри услови и правни регулативи, кои ќе ја унапредуваат филмската дејност“ – изјавува Ѓоргоска – Илиевска.
Вчера (21 мај) во Кан беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Асоцијацијата на продуценти на Косово и Македонското здружение на филмски продуценти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Хироказу Коре- Еда ја освои „Златната палма“ на Канскиот фестивал
-
Публиката во Кан масовно ја напушти проекцијата на филмот поради сцени со насилство
-
Одлична промоција на Македонија како филмска дестинација на Канскиот фестивал
-
Успешна проекција на „Ефектот на среќа“ за странски дистрибутери на Канскиот фестивал