Перо Антиќ пред почетокот на Ф4 турнирот во Истанбул посака, и желбата му се исполни – тој ќе игра во ново финале од Евролигата, а за противник ќе го има својот поранешен клуб Олимпијакос. Македонскиот ас никогаш не ја криел приврзаноста за овој грчки кошаркарски џин, па јасно е дека денешното финале ќе има уште поголемо значење за Антиќ.
– Сигурно дека ќе биде многу тешко, Олимпијакос е многу добар тим кој игра цврста кошарка. Мораме да бидеме ментално силни, да ги искористиме своите предности. Двата тима премногу добро се познаваат, но верувам дека тренерот Обрадовиќ ќе го подготви нашиот тим добро за да се закитиме со трофејот. Секако дека мечот со Олимпијакос ќе предизвика посебни емоции кај мене, но јас сум професионалец и ќе сторам се за да помогнам Фенербахче да слави – изјави Антиќ.
Поранешниот капитен на македонската репрезентација на својата рака има тетоважа посветена на “Gate 7”, познатата навивачка група на Олимпијакос, па од грчките медиуми во пресрет на ова финале беше прашан дали планира да ја покрие тетоважата за време на натпреварот.
– Секако дека нема да покријам ниту една моја тетоважа, вклучувајќи ја и онаа за навивачите на Олимпијакос. Не гледам зошто би сторил такво нешто, сите многу добро ја знаат мојата поврзаност со навивачите на Олимпијакос и на Црвена звезда. Тоа можеби го прават Американците, покриваат тетоважи како ништо да не се случило, но јас сум „стара школа“. Го сакам грчкиот гигант, но денеска ќе дадам се од себе за Фенербахче да победи – порача Антиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.