| четврток, 6 декември 2018 |

ДУИ во програмата од 2014 најави екстерно тестирање, а сега ќе гласа против

Демократската Унија за Интеграција на Али Ахмети во својата изборна програма од 2014 година, на страна 189 децидно најавува и го поддржува екстерното тестирање како современ и прогресивен концепт кој изобилува со квалитет, професионализам и ќе придонесе за суштински реформи во образованието.

Па така, во својата програма ДУИ најавува „спроведување на екстерното тестирање, како инструмент кој обезбедува квалитет и објективен премин од едно ниво на образованието на друго.“ Потоа ДУИ ги објаснува и причините поради кои инсистира на екстерното тестирање, па во партиската програма за парламентарните избори во 2014 на истата 189-та страна стои и објаснување.

dui eksterno

„Оваа современа потреба и прогресивна тенденција (да има екстерно – н.з.) се базира на професионални подготовки направени долго време и врз база на консолидираниот концепт на екстерниот испит, процеси кои произлегуваат во рамките на суштинските реформи во средното образование.“, пишува во програмата.

Три години подоцна ДУИ ќе одговори на популистичките барања на својот нов коалиционен партнер СДСМ, па ќе се откаже од современите потреби и прогресивнните тенденции и ќе гласа против екстерното тестирање. Но, ДУИ се залагаше за концептот на екстерно тестирање уште многу поодамна. Во својата програма изложена на конгресот на партијата одржан на 19-ти декември 2009 година, на страниците 58 и 59 стои дека:

dui eksterno 2

„ДУИ ќе се ангажира за воспоставување на механизмите, кои ќе го спроведат оценувањето на постигнувањата за време на реализацијата на едукативно-образовниот процес.
ДУИ ќе се ангажира да екстерното оценување не се организира само за завршната година од средното образование, туку да се спроведува почнувајќи од првите години на основното образование. Добиените резултати да послужат и како податоци за анализа на образовниот напредок, мерење на поставените стандарди и дефинирање на образовните политики во иднина и ова да го реализираат независните државни институции, независни од Министерството за образование и наука.
ДУИ ќе се ангажира за создавање на механизмите во училиштата за реализација на самооценување, влијаејќи да училиштата се опремат со адекватна технолошка опрема за електронска педагошка евиденција, на начин да се обезбеди транспарентност во процесот на оценување.“

Суштинските реформи во средното образование и професионалните подготовки кои биле правени долго време ДУИ ги пушта низ вода, само за да ги задоволи популистичките намери на СДСМ, без воопшто да води сметка за квалитетот на образованието и за конзистентноста на своите политики.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top