На програмата на 45-ти „Мајски оперски вечери“, на 20 мај (сабота) со почеток во 12 часот во Македонската опера и балет детскиот хор „Фалсето“ при МОБ премиерно ќе ја одигра оперетата „Пролетна приказна“ од композиторот Стојан Стојков, според текстовите на В. Николески, С. Тарапуза, З. Стојановиќ, В. Куновски, Б. Пановски, а во драматуршка адаптација на Стојан Стојков. Режисер е Трајко Јордановски, диригент на хорот е Теа Богатинова, а костимограф е Никола Ефтимов. Настапуваат детскиот хор „Фалсето“, Доминика Робе (пијано придружба) и Тео Теодосиевски (перкусии). Солисти се Јана Диралова, Софија Стојковска, Теодора Блажевска, Луна Бејков, Оља Алексовска, Теона Јаневска, Маријана Андоновска, Јована Филиповска.
Детската оперета „Пролетна приказна“ од композиторот Стојан Стојков го отсликува будењето на пролетта и природата во неа. Музичкиот израз на делото кореспондира со естетските и технички елементи прилагодени на возраста на децата од предучилишна и училишна возраст, а хармонските елементи во него се едноставни, со јасна тонална подлога. Делото ги содржи сите формални елементи на жанрот опера: хор, солисти, дуети, балет и инструментална подлога, а во него авторот внесува и наратори кои ја водат приказната преку рецитативната форма. Инспирирана од детската поезија на неколку македонски поети, во драматуршка адаптација на самиот автор, во „Пролетна приказна“ значајна улога игра и орфовиот инструментариум. Детскиот хор „Фалсето“ при Македонската опера и балет е формиран во 2016 година и брои 40 членови на возраст од 9 до 15 години. Основна идеја и цел на ансамблот е воведување на децата во светот на класичната музика и запознавање со оперскиот репертоар, совладување на хорската техника и стекнување хорска култура. Главна активност на малите хористи е учеството во оперските претстави на големата сцена каде тие добиваат можност да настапат рамо до рамо со реномирани уметници. На овој начин хорот придонесува за зголемување на интересот и нивото на музичката култура кај децата и подготовка за нивниот понатамошен професионален музички развој. Со хорот раководи Теа Богатинова, дипломиран музичар, композитор, диригент и долгогодишен хорист и вљубеник во хорската музика.
Премиерата на оперетата „Пролетна приказна“ е дел од манифестацијата European Opera Days – Opera Panorama која ќе се одржи од 5 до 14 мај во 18 европски земји, со учество на 70 оперски институции, меѓу кои и Македонската опера и балет.
„Европски оперски денови“ е иницијатива на Opera Europa, европска организација за професионални оперски компании и фестивали и RESEO, Европска мрежа за оперско-балетска едукација. Соработката помеѓу МОБ и Opera Europa, започна во 2008 год. Секоја година Opera Europa, дава програмска рамка, која како тема се реализира од страна на оперските куќи ширум Европа, со цел прославување на Европскиот ден на операта.
Заради зголемен интерес на публиката претставата ќе се реприза на 21 мај (недела) во 12 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.