Оперскиот пејач Игор Дурловски, кој ја извршуваше должноста директот на Македонската опера и балет и беше професор на Факултетот за музичка уметност, денеска на „Фејсбук“ објави дека се повлекува од двете позиции.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост.
„Почитувани колеги, Веднаш сакам да потенцирам дека ова не e ниту политички став, ниту став за уметничката дејност на Македонската опера и балет, бидејќи за првото секој има право на сопствена определба или неопределба (што секогаш сум го почитувал), а за уметноста сме разговарале со многумина од вас и верувам дека и понатаму ќе го правиме истото во различни прилики. Ова е исклучиво професионално и хумано обраќање како Ваш актуелен претпоставен во овие бурни општествени времиња во кои сум чувствувал лична и морална одговорност, како раководител на најголемата културна институција, да се борам за напредок не само на културната политика, туку и на онаа која може да влијае врз развојот на целокупната домашна уметност. Колку сум придонел или не – останува другите да проценат. Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања.
За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштеден од негативните ефекти од наметнатите општествени услови кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости-уметници, и ред други помалку значајни нешта. Токму поради сето ова, би сакал да препорачам да останете доследни на професионализмот, на кој сум сведок во изминатите 18 месеци, и сите заедно да покажеме меѓусебна почит, без разлика на нашите спротивности, и да се надеваме што поскоро создавање на услови во кои уметноста нема да биде жртва туку водилка на општеството. И во таа насока лично сметам дека ќе придонесам со поднесување оставка од позицијата директор и поистоветување на МОБ и сите Вас со моите лични дејствија надвор од куќата, и овозможување на надлежните институции брз избор на ново раководство кое се надевам ќе донесе нова позитивна енергија и нови успеси на оваа куќа. 25 мај ќе биде мој последен работен ден на позицијата директор на МОБ, а воедно ќе поднесам оставка од позицијата професор на Факултетот за музичка уметност по завршувањето на испитната сесија. На крај, дозволете да изразам искрена благодарност за Вашата соработка која верувам ќе продолжи и понатаму како колега. Нека ни е честит јубилејот…“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.