Светот наскоро може да стане сведок на сериозна саботажа со потенцијал да предизвика збунетост, хаос и немање поредок, предупреди денеска шефот на холандските тајни служби Роб Бертоле, цитиран од француските медиуми.
Саботажата на животно важните инфраструктури „е нешто што може да не ви дозволи да легнете ниту за миг во текот на ноќта“, рече Бертоле пред стотици експерти и официјални лица, учесници на конференцијата за кибер безбедност во Хаг.
Предупредувањето беше упатено откако во петокот до сега невидениот кибер напад со вирус зарази над 200.000 компјутери во најмалку 150 земји од светот.
Заканите од кибер напади „не се измислени, тие се насекаде околу нас“, изјави директорот на холандските тајни служби (AIVD) на дводневниот форум, организиран од холандската Влада.
– Претставете си што ќе се случи доколку целиот банкарски систем биде изваден од строј на ден, два или недела. Или доколку се оштети нашиот транспортен систем. Или доколку контролорите на летање станат цел на кибер напади додека на авионите им даваат инструкции. Последиците ќе бидат катастрофални – рече Бертоле.
Во однос на заканите за кибер тероризам од страна на џихадистите, Бертоле изјави дека групите како Ал Каеда и Исламска држава се уште немаат капацитет да предизвикаат посериозни штети, но со сигурност имаат намера да го развијат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.